Не е точно дека планот на премиерот е да ја одолговлекува оставката до декември. Оставката е јасен чин на преземање одговорност, велат од кабинетот на претседателот на Владата Зоран Заев по разните, како што нагласуваат, неточни брифинзи дека планот на премиерот бил да ја одолговлекува оставката, објави МИА.

Од Владата посочуваат дека во тек се консултации низ кои, органите на партијата, како и коалиционите партнери, со целосна поддршка од премиерот Заев, работат на решенија и одлуки со кои парламентарното мнозинство се одржува стабилно, а со цел обезбедување Влада која го одржува реформскиот и прогресивен курс на земјата – објави МИА.

Ваквата реакцијата доаѓа по објавата на „Телма“ дека Заев ќе ја официјализиран оставката на функцијата во Владата кон крајот на декември.

Од редакцијата на „Република“ во текот на денот побаравме коментар од прес-службата на Владата за таквото пишување, при што од Владиниот портпарол беше побарано прашањата да бидат поставени преку интернет пошта, што беше испочитувано.

Сепак, повеќе од два ипол часови подоцна од Владата нема одговор на прашањата:

 Дали е вистина  објавата на Телма дека премиерот Зоран Заев оставката ќе ја поднесе пред Нова година?

– Доколку е точна информацијата која е причината за одолговлекувањето на оставката Која Заев лично ја кажа вечерта по поразот на локалните избори?

Сепак, очигледно е дека Владата покажува дискриминирање на одредени медиуми кога станува збор за добивњето официјални информации, па тие не добиваат одговор на поставени прашања, а околу два часа по добиените прашања од „Република“, други медиуми ја добиваат бараната информација.

По поразот на локалните избори Заев поднесе оставка на функцијата претседател на СДСМ и премиер.

Помалите коалициони партнери на синоќешниот состанок не успеале да го разубедат Заев во намерата да се повлече од местото претседател на Владата.

Но, му предложиле и тој начелно прифатил, официјално оставката да ја поднесе кон крајот на годината или на почетокот на јануари. Еден од помалите коалициони партнери, кој синоќа присуствуваше на состанокот, за „Телма“ брифирал дека, би било несериозно од Заев сега да се предомисли, но исто така сите се согласиле дека мора да се заштитат виталните државни интереси.

Причина за тоа, вели изворот на „Телма“, се и надежите кои им ги соопштил премиерот, за решавање на спорот со Бугарија и можна меѓувладина конференција со ЕУ на средината на декември.

Иако синоќа ДУИ и БЕСА биле категорично против оставката на Заев, на состанокот бил оставен простор за негов можен наследник, а за мислењето на коалиционите партнери околу ова прашање ќе се разговара оваа недела, најверојатно во петок.

Од ВМРО ДПМНЕ се сомневаат дека најавата за оставка е блеф на Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.