Владата не знае ниту кога ниту колку вакцини ќе добие од Бугарија, од Грција, а ниту од Полска, одговори портпаролот Душко Арсовски на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Допрва ќе ви одговориме колку вакцини ќе добие Македонија од Бугарија. Планот е дел од пратката што ќе пристигне во Бугарија, да биде наменето за Македонија, рече Арсовски.

Арсовски немаше одговор ниту колку вакцини се договорени и кога ќе добие Македонија од Грција и Полска.

Дел од првата пратка што ќе пристигнат од Грција, ќе бидат наменети за нашите граѓани, но во овој момент прецизен одговор не би можеле да дадеме. Најпрецизно би знаеле во почетокот на следната година, рече Арсовски.

Во однос на тоа дали патниците ќе се вакцинираат и на аеродромите, портпаролот немаше одговор.

Одговарајќи на новинарско прашање кога Македонија ќе ги добие вакцините преку КОВАКС механизмот и кога македонските граѓани ќе имаат пристап до овие вакцини, со оглед на тоа дека во Србија вакцинацијата почнува денеска, портпаролот рече дека Македонија не чека само на донации и навреме ги направила сите потребни чекори и процедури за набавка на вакцините, но немаше конкретен одговор на ниту едно новинарско прашање.

Покрај ковакс механизмот, нагласи Арсовски, во тек се преговори и за директна набавка од комапниите кои ги произведуваат вакцините, а предвиден е и трет механизам преку ЕУ со кој треба да се набават 200 милиони вакцини за земјите-членки и дополнителни 100 милиони дози за европските земји надвор од Унијата.

Македонија не чека само на донации, туку навреме ги направи сите потребни чекори и процедури, а алоцираше и средства за вакцини. Почна директни прегови, се користат сите инструменти, вклучувајќи го и ковакс механизмот кој беше прв на располагање, рече Арсовски.

Веќе се обезбедени 833 илјади вакцини за популација од околу 400 илјади граѓани, кои се очекуваат да пристигнат во почетокот на следната година, рече Арсовски.

 

Од 32 седница на Владата

На предлог на Министерството за здравство, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за  вакцинацијата против КОВИД-19, и ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Царинската управа и Министерството за здравство во рок од 7 (седум) работни дена да изготват и достават до Министерството за здравство сопствени акциски планови (активност, надлежна внатрешна организациона единица, овластено лице/овластени лица, рокови) и стандардни оперативни процедури (СОП) за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против КОВИД-19, согласно нивната надлежност и нивната улога во спроведувањето на Националниот план за вакцинација против КОВИД-19.

Во врска со оваа информација Владата му препорачува на ТАВ Македонија ДООЕЛ Скопје во рок од 7 (седум) работни дена да изготви и достави до Министерството за здравство сопствен акциски план (активност, надлежна внатрешна организациона единица, овластено лице/овластени лица, рокови) и стандардни оперативни процедури (СОП) за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против КОВИД-19.

Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки, во соработка со Министерството за здравство, во рок од најдоцна 5 (пет) дена треба да изготват Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки со што ќе се овозможи плаќање на аванс поголем од 20% од цената и ослободување од обврската за обезбедување банкарска гаранција за авансно плаќање во постапките за јавни набавки директно поврзани со справувањето со епидемии и пандемии на заразни болести.

Приоритет да ги добија првите вакцини имаат медицинските лица, лекарите, и сите други во првата борбена линија, потоа хронично болните, возрасните, вработените во градинките и сите други. Политичарите ќе бидат во групата со останатите, рече Арсовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.