По бројните криминални афери и скандали за кои изминатите недели пренесуваа медиумите од страна на високи владини функционери, власта полека но сигурно почнува да се ниша. По поднесените три интерпелации за вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, за министерот за правда Бојан Маричиќ, за вицепремиерот за борба со корупцијата Љупчо Николовски, следен на ред е и министерот за здравство Венко Филипче.
Најпрво од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беа поднесени дури три интерпелации за вицепремиерот Димитров, а како причина беше тоа што вицепремиерот во неколку наврати го игнорирал парламентот и одбивал да присуствува на собраниската комисија за надворешна политика и да ги образложи владините политики во спорот со Бугарија.
Третата интерпелација која беше пред само еден месец покажа дека уште тогаш владејачкото мнозинство е климаво, а Димитров успеа со 53 гласа ЗА, и 55 гласа ПРОТИВ да ја преживее по дванаесет часовната дискусија и жестока расправа меѓу пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и владејачкото мнозинство.
Следни на листата на ВМРО-ДПМНЕ за поднесување на интерпелација се најдоа министерот за правда Бојан Маричиќ, како и интерпелација за вицепремиерот за борба со корупцијата Љупчо Николовски.
Ваквата одлука на ВМРО-ДПМНЕ се донесе откако според извештајот на Транспаренси Интрнешнл за мерење на индексот на корупцијата Македонија се најде на 111 место, а според анализата состојбата со корупцијата во Македонија е полоша и од КОсово, Танзанија, Гамбија и Белорусија.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски на прес конференција уште во јануари месец изјави дека потребни се оставки од Николовски и Маричиќ бидејќи не само што не се избориле со корупцијата во државата, туку напротив та се засилила.
Состојбата со корупцијата е полоша и од Косово, Танзанија, Гамбија и Белорусија. Ова е пад од цели 45 места само во годините на управувањето и на лажните реформи на правниот систем на Зоран Заев. Потребни се оставки, најпрво од таканаречениот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, зашто не само што не се изборија со корупцијата, туку таа е и засилена. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација во Собранието за Љупчо Николовски и за Бојан Маричиќ. Оставки веднаш. Одговорност веднаш, истакна Мисајловски.
Но и покрај собраниските процедури кои налагаат ставање на интерпеалцијата на дневен ред на следната собраниска седница, до сега за Николовски и Маричиќ не само што не се ставени на дневен ред, туку нема ниту најава кога тоа би се случило.
Вчера пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ информираше дека интерпелација ќе заработи и министерот Венко Филипче. На прес конференција пратеникот Кирил Пецаков истакна дека за катастрофалната и лоша состојба во здравството најодговорен е токму министерот Филипче.
Очигледно Венко Филипче е скандал мајстор, а Македонија ги живее своите најтешки денови. Затоа, време е Филипче да си оди, за да се спасат животи. На Македонија и треба министер за здравство, а не министер за тендери и провизии, вели Пецаков.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за интерпелацијата на Филипче доби поддршка и од пратениците од албанскиот блок од Алијанса на Албанците и Алтернатива.
Согласно собраниските процедури, барањето за интерпелација претседателот на Собранието треба да го постави на следната нова седница. Но, дали ќе биде така имајќи го предвид претходното искуство со интерпелациите на Николовски и Маричиќ, извесно е дека на следната собраниска седница не би се нашла интерпелацијата за министерот Филипче.
Додека владата секојдневно ја тресат скандали и афери, јавноста се уште не може да биде сведок на некаква одговорност од страна на владините функционери, а најмалку па оставка од морална причина.
Според аналитичарите, причината за ваквото одбегнување на соочување со интерпелацијата на Николовски, Маричиќ и Филипче ја гледаат во тенкото владејачко мнозинство.
Не би требало власта да се плаши од интерпелациите на министрите Маричиќ, Николовски и Филипче од две причини. А тоа е ако сметаат дека опозицијата не е во право кога ги обвинува за нивното лошо менаџирање во секторите, а како втора причина ако мнозинството е стабилно. Со ова се создава слика дека и тие самите знаат дека имаат огромни пропусти и грешки, но и е знак дека мнозинството е нестабилно и тенко, што пак е одраз на незадоволството и кај коалициските партнери на СДСМ. Гледавме изминатите денови дека неколку коалициски партнери јавно реагираа на одредени пропусти при набавка на вакцините од страна на министерот Филипче, и сето ова создава несигурност кај СДСМ и страв дека можеби интерпелацијата ќе успее, а со тоа веќе ќе се има директно признание дека одреден владин функцинер не одговорил соодветно на задачите и обврските за кој бил поставен, велат аналитичарите.
Со ова власта на СДСМ и премиерот Заев дефинитивно се запишува како влада со најголем број на поднесени интерпелации за владини функционери. Дали ќе успее Маричиќ, Николовски и Филипче да „преживеат“ допрва останува да се види.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.