Владата изготви Акциски план за справување со дезинформациите кои, како што изјави денеска премиерот Зоран Заев, стануваат сериозен упад во демократските и изборните процеси и влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите.
Дезинформациите се еден од главните предизвици за демократијата во 2019 година и алатка за манипулација со граѓаните. Злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и непостоечки измислени случувања станаа сериозен упад во демократските и изборните процеси и сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите, изјави на денешната прес-конференција премиерот Заев.
Тој додаде дека земјава во изминатите две години во повеќе наврати се соочила со масовно ширење дезинформации на социјалните мрежи и на традиционалните медиуми, а, како што рече, дел од информациите биле споделувани и од територии на други држави.
Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност Владата работи на Акциски план за справување со дезинформациите на системско ниво. Наша цел е да ја зајакнеме нацоналната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата, рече Заев.
Тој појасни дека планот ќе биде даден на јавна дискусија и оти до изработката на неговата финална верзија ќе бидат чуени мислењата на сите чинители во општеството. Планот се состои од два дела, во првиот се опфатени безбедносни, а во вториот проактивни мерки.
Тој најави безбедносни и проактивни мерки, воведување безбедносни протоколи за комуникација со институциите, за безбедно комуницирање преку интернет и електронска пошта, зајакнување на внатрешната ИТ-инфраструктура…
Рече дека поради тоа сега и тој користи нов телефонски број со поголема безбедност.
Премиерот истакна дека се работи за нова стратегија за транспарентност, ќе бидат објавени официјални одговори на прашања на медиуми и граѓани за да се спречи извртување на официјалните ставови на Владата.
Објасни дека Владата ќе формира акциска група против дезинформации, која ќе ја координира министерот Роберт Поповски, а одговорен ќе биде посебниот советник за односи со јавност, Марјан Забрчанец.
Ќе биде спроведувана кампања од јавен интерес за штетното влијание на дезинформациите, а Владата ќе прави и внатрешна кампања за вработените.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.