Согласно проценките, во моментов не постојат причини и потреби за продолжување на вонредната состојба. Ова е одговорот кој денеска од Владата го дадоа за „Фокус“ на прашањето дали ќе побараат ново продолжување, имајќи предвид дека 14-дневното продолжување на вонредната состојба истекува во сабота, на 14 јуни.

Имајќи предвид дека здравствениот систем е подготвен за периодот којшто претстои, економските мерки се целосно уредени и во фаза на имплементација, а за евентуални нови рестрикции во иднина вонредна состојба не е потребна, одговораат од Владата.

Арно ама, заклучно денес, во само девет дена, од почетокот на јуни, во Македонија се регистрирани вкупно 1.016 новозаболени лица, поточно една третина од вкупниот број на заболени регистрирани во целиот период од три и пол месеци од првиот регистриран случај.

Активни се загрижувачки 1.424 случаи. Животот го загубиле 24 лица.

Бројка на новозаразени и починати лица во јуни 2020 година

Во анализа на непрофитабилната организација „Дип нолиџ груп“, пак, направена за магазинот „Форбс“ за состојбата со Ковид-19 во светот и справувањето на одбрани 200 држави со него, Македонија се наоѓа на поразително 103. место, во друштво со Доминиканската Република, Антигва и Барбуда, Гренада, Киргистан, Маурициус и Св. Луција.

Додека целиот регион, земја по земја, прогласува победа над коронавирусот и ги отвора границите, Македонија останува изолирана, а за нејзините граѓани е воведен задолжителен 14-дневен карантин во сè поголем број земји, како Бугарија и Словенија. За Црна Гора, пак, воопшто не сме добредојдени.

Самиот министер за транспорт и врски Горан Сугарески денеска потврди дека рано е да се зборува за отворање на аеродромите. Министерот за здравство Венко Филипче пред два дена истото го рече и за границите.

Па, оттука доаѓа прашењето: Доколку навистина одлично се справуваме со таканаречениот „втор бран“, кој како што СЗО ни потенцираше воопшто не е втор бран, туку ексалација и бегање од контрола над првиот, тогаш како се објаснуваат овие бројки? 

Одговорот е политика. Доколку не биде продолжена вонредната состојба, а изборите треба да се оддржат во рок од 22 дена од завршување на вонредната состојба, тоа ќе значи избори на 5 јули. Нешто што, по некои нивни анализи, доста му одговара на СДСМ и Зоран Заев. Зошто инаку и со пола партија во самозолација би инсистирале на овој датум?

Но, глумејќи нормализација со олабавување на мерки среде пикот на болеста, власта предводена од СДСМ, заедно со Заев, само си игра со животите, физичкото, но и психичкото здравје на граѓаните.

Со 1.424 активни случаи на ковид-19, состојбата денеска е многу полоша од 30 мај, кога беше донесена одлуката за повторно продолжување на вонредната состојба. На тој ден бројот на активни случаи беше 498, скоро три пати помал од денеска.

Сепак, одлука за продолжување на вонредната состојба нема, а на денешната владина седница, пак, не беше одлучено да се воведат нови рестирикции и полициски час, туку само да се зголемат контролите на МВР и инспекторатите.

Граѓаните вчера не добија одговор зошто беа затворени три дена за време на продолжениот викенд, ниту пак имаше одговор околу нивната загриженост за тоа што 20 илјади автомобили го напуштија Скопје пред полицискиот час и дали за две недели ќе имаме ексалирање на состојбата и нови жаришта низ места каде веќе немаше активни случаи.

Добија само укор, предавања и прозивки за тоа колку се тие лоши, а власта добра, од страна на „професионалецот“ Караџоски и неговиот министер.

Забораваат дека не постои лош народ, туку само лоша власт. Оваа нашава, пак, не е само лоша, и смртоносна е.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.