Владата на Република Македонија синоќа ја одржа редовната 9-та седница на која беа донесени повеќе одлуки, заклучоци и препораки за проекти од својата програма за работа и од интерес на граѓаните, а за кои беше неопходно нивно донесување пред распишување на изборите.

На оваа своја седница, меѓу другото, Владата ја усвои Предлог – програмата за изменување на Програмата за изградба и реконструкција на спортски објекти за 2020 година, за да се задржи континуитетот на процесите за изградба на нови и реконструкција на постоечки спортски објекти во повеќе општини како што се Охрид, Куманово, Липково и други.

За да го обезбеди редовното и непречено функционирање на студиските програми за 2020 година на Православниот Богословски факултет „Св. Климент Охридски” – Скопје, придружна членка на Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, и на Факултет за Исламски науки – Скопје, Владата донесе одлука за одобрување средства, кои што на овие високо-образовни институции им се одобруваат квартално.

На оваа седница е усвоена и одлуката за одобрување средства од Буџетот на Министерството за образование и наука за 2020 година, наменети за субвенционирање на бесплатниот градски превоз за редовните студенти на државните универзитети.

Владата ја разгледа и усвои информацијата и донесе Одлука за давање согласност на Правилникот за доделување финансиски средства преку Иновациски ваучери на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

Правилникот за доделување финансиските средства преку Иновациските ваучери сe воведува за прв пат во Република Македонија, а негова основна цел е да ја поттикне соработката помеѓу претпријатијата и академските и научно-истражувачките установи во насока на спроведување иновациски активности, со што претпријатијата ќе ја зголемат својата конкурентност.

Со ваучерите кои ФИТР ќе им ги додели на компаниите кои имаат намера да започнат нови производи, процеси и услуги со иновативна компонента, ќе се надоместуваат трошоците за услуги на академските и научно-истражувачките институции кои за нив ќе изготвуваат истражувања и анализи што ќе го помогнат успешното реализирање на новите процеси.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.