Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување во вестите на Сител телевизија ја предупреди владата да не се дрзнува на изборен фалсификат затоа што ќе се соочи со револтот на граѓаните, а со тој чекор може да се доведе во прашање иднината на државата.

Тој посочи дека владата не смее повторно да го злоупотребува правото на глас на граѓаните, како тоа што се случи на референдумот, кога се гласаше за 2,4 секунди, или пак во некои места имаше излезност од 95%, и додаде да не се злоупотребува државниот апарат за политички прогон и вештачки вработувања.

Ако продолжи злоупотребата на државниот апарат, како тоа што се случуваше во изминативе денови, ако гледаме дека имаме политички прогон и притисоци и тој продолжува за време на изборната кампања, ако гледаме дека има вештачки вработувања во државната и локалната администрација, тоа се само предуслови кои што на нас може да ни донесат одлука, во која не само ВМРО-ДПМНЕ, туку и граѓаните во целост да пројават пркос и револт да не излезат во вториот круг на претседателските избори, но тоа ќе биде лошо и за државата и за евроатланските интеграции, истакна Мицкоски.

Токму затоа тој уште еднаш апелираше до власта да не ја злоупотребува моќта за да си поигрува со изборниот процес и да не ја доведува во прашање иднината на Македонија и граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.