Со последната одлука на владата да ги врати сите родители на работа, без притоа да обезбеди услови за згрижување на децата до 10 години, испраќа порака дека децата и нивната добробит не и се важни! Уште повеќе, не им е важна ниту состојбата на мајките со продолжено породилно отсуство или на мајките на деца до 6 години, истакна на денешната прес-конференција пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.

Таа вели дека инсистираат владата да ја повлече, како што рече, оваа избрзана одлука, да отвори јавна дебата и пред носење на нова одлука, се да ги земе предвид барањата и потребите на родителите, и пред се во фокусот да биде грижата за добробитта на децата и семејствата.

Цели 6 месеци, половина година, оваа власт мораше да најде соодветно решение за состојбата. Но напротив, остави работите со епидемијата да се движат вон контрола, за сега, да го одложи почетокот на учебната година, и одеднаш да донесе одлука дека сите родители на деца до 10 години, како и мајки на породилно отсуство, да мора да се вратат на работа! Притоа, државата воопшто не обезбеди услови за нормално функционирање на воспитно- образовните и згрижувачки институции. Избрзаноста и негрижата, како и целосно отсуство на реална слика на состојбите од страна на членовите на владата, се гледа во тоа што пред да ја донесе одлуката, оваа власт воопшто не водела сметка за бројот на децата до 6 години кои што не се запишани во градинка или згрижувачки центри, ниту пак се водела од вистинскиот капацитет- просторен и од аспект на човечките ресурси во градинките. Едноставно, во градинките нема место. Кратењето на продолженото породилно е и спротивно на предлогот на Комисијата за заразни болести која препорача отсуството да трае до крајот на годинава заради што мајките не ги запишаа децата во градинка. Притоа, секојдневни се информациите за проблеми во функционирањето на градинките пред предизвиците со епидемијата, која што воопшто не е смирена. А не смее ниту да се исклучи секојдневното најавување од страна на членовите на власта дека есенва се очекува втор бран на ширење на Корона вирусот во комбинација со сезонскиот грип, нагласи Панова.

Посочи дека државата е во хаос, а економијата во колапс.

Власта колку и да е забегана не смее да и се дозволи веќе зголемениот број на невработени, односно после бројката од над 40 илјади работници кои останаа на улица заради короната; сега и родители- мајки на деца до 10 години, вклучително и мајки на продолжено породилно отсуство, да мораат да го остават работното место за да си ги згрижат децата. Заев, Филипче, Шахпаска, Царовска! Работата е премногу сериозна, проблемите кои ги креирате се претешки и воопшто непотребни за народот, кој што го оставивте на цедило цели 6 месеци! Повлечете ја оваа избрзана одлука, барањата и потребите на родителите и грижата за добробитта на децата и семејствата мора да бидат пред се, нагласи пратеничката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.