Остануваме посветени на наоѓање решение и работиме заедно како добри соседи посветени на заедничката европска иднина, порачуваат од Владата по денешните средби во Софија, каде делегација предводена од премиерот Зоран Заев учествуваше на Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.

Успешниот Берлински процес дава позитивен моментум и охрабрување на процесот. Тоа е надополнето со засилениот ангажман на германското претседателство. По денешните работните средби во Софија остануваме посветени на наоѓање решение. Тоа е важно за Македонија и за Бугарија. Тие сакаат да има решение, ние исто така сакаме. Работиме заедно како добри соседи посветени на заедничката европска иднина, се вели во брифот од Владата.

Како што додаваат оттаму, ако имаме позитивно решение тоа ќе биде добро за нас, за Бугарија, за цела Европа и за цел Балкански регион. Во спротивно, укажуават, ќе имаме споделен неуспех за сите.

Македонија и Бугарија се копретседавачи на Берлинскиот процес. На Самитот во Софија се обратија премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, а преку видео обраќање се вклучи и германската канцеларка Ангела Меркел, која потенцираше дека Берлинскиот процес е поврзан и со помирување на недоразбирањата и наследствата од минатото.

За регионот она што морам да го кажам е дека мора да се согласувате едни со други. Не заборавајте, затоа што тоа е многу важно, им порача Меркел на Заев и Борисов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.