Владата на Македонија во врска со реакциите на дел од родителите кои досега ја користеа мерката продолжено породилно отсуство, ја информира јавноста дека Одлуката од 4-та седница одржана на 14 септември 2020 година, сите родители на деца од 0 до 6 години, кои досега беа ослободени од работниот процес, да се вратат на работа почнувајќи од 23 септември 2020 година, е донесена по претходна анализа и консултација со Комисијата за заразни болести.
Со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9 септември 2020 година и анализата која покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на вирусот КОВИД-19, мерката родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата, наведуваат од Владата во соопштение во кое додаваат дека таа мерка изминатиов период беше во сила затоа што јавните установи за згрижување на деца, односно градинките не работеа.
Појаснуваат дека дополнително, во координација со Комисијата за заразни болести донесена е и Одлука за проширување на капацитетите на групите во градинките од 0 до 2 години, на по 12 деца во група, со што јавните установи за згрижување на деца имаат капацитет целосно да ги згрижат децата на мајките кои до сега користеа продолжено породилно отсуство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.