Вкупно 441 лице изминатите две години добиле „втора шанса“ по сторено кривично дело за кое им била пружена можноста наречена „Алтернативна мерка“. Овие мерки, кои ги отсликуваат универзалните определби на современото казнено право, како што вели професорот Никола Тупанчески од Правниот факултет „Јустинијан Први“, се само за вклучување на „црвено светло“ дека некое лице се движи во погрешна насока, и доколку ние ги примениме како што треба, можеме да спречиме некое потешко кривично дело.

На сторителите на кривичните дела, согласно Кривичниот закон, алтернативните мерки кои може да им се изречат, покрај казните и ефективната мерка затвор се: условна осуда, условна осуда со заштитен надзор, условно прекинување на кривичната постапка, општокорисна работа, судска опомена и куќен затвор.

Алтернативните мерки кај нас се подробно врамени во Законот за пробација, донесен во 2015 година, со кој се уредуваат пробациските работи и постапката за извршување на алтернативните мерки.

Согласно законот, оттогаш до 2020 година, пробациска мерка е изречено за 441 лице. Најмногу од нив се од Пробациската канцеларија во Скопје, а најмалку во Штип.

Целта на алтернативните мерки е спрема кривично одговорниот сторител да не се примени казна за полесни дела кога тоа не е нужно заради кривично-правна заштита и кога може да се очекува дека целта на казнувањето може да се оствари со предупредување со закана на казна, како што е условната осуда, само предупредување, односно судска опомена, или, со мерки на помош и надзор на однесувањето на сторителот на слобода.

Марјан Спасовски, директорот на Управата за извршување на санкции, за МИА вели дека се трудат дополнително да ги мотивираат судиите почесто да даваат алтернативни мерки, затоа што смета дека на тој начин, би се доближиле до европските норми и стандарди и би направиле еден позитивен исчекор.

Дополнителна позитивна страна од алтернативните мерки е тоа што лицата, условно кажано осудени за полесни кривични дела и со помали казни, дополнително го намалуваме ризикот од криминална инфекција во затворите, заради тоа што, не често се случува лице за полесно кривично дело, да влезе со мала казна, а да излезе поопасно и безбедносно поризичен да е по издржување на казната, отколку пред тоа – вели Спасовски.

Во однос на тоа што презема Управата во овој домен со МИА сподели дека еднаш во месецот, пробациските службеници од основните судови, ги посетуваат локалните затвори и делат брошури.

Целта ни е да ги запознаеме осудените лица со нивните права во делот со условниот отпуст и алтернативните мерки кои им следуваат по издржување на половина од нивната казна и слично. На тој начин, сакаме да постигнеме двојна цел и да ги ресоцијализираме и реинтегрираме подобро во општеството, меѓутоа и да ги растеретиме сместувачките капацитети, бидејќи навистина тоа е сериозен трошок за државата, на секое едно осудено лице да му обезбедиме три оброка дневно, правна помош, здравствена заштита и слично – споделува Спасовски.

Тој дополнува дека Управата има склучено меморандум со Град Скопје, при што преку истиот, сите осудени лица активно учествуваат во повеќе активности како што се дезинфекција и дезинсекција во ЈСП, општокорисна работа во Паркови и зеленило, Улици и патишта и Зоолошката градина.

Бројот на пробациски предмети е во постојан раст и тука исто така ќе ставиме акцент и во иднина, бидејќи, на тој начин директно се намалува бројот на рецидиви, односно повратници, лица кои биле осудувани, повратници на издржување казна, сторители на кривични дела и слично – вели Спасовски.

Тој дополнува дека во нашето општество сè уште има некоја доза на недоверба во пробацијата, меѓутоа, смета дека проблемот е во луѓето, бидејќи луѓето не се доволно информирани, што е пробација и што нуди истата.

Во однос на прекршувањето на пробациските мерки, тој вели дека бројката достигнува едвај пет проценти и истата соодветно се санкционира, при што лицата ја губат својата шанса.

Професорот Никола Тупанчески, од Правниот факултет Јустинијан Први, вели дека алтернативните мерки практично се составен, интегрален дел на секој современ казнено правен систем на кривични санкции. Меѓутоа, и тој смета дека сè уште нема доволна или онолку колку што е потребна примена на алтернативните мерки.

Треба да се биде до крај консеквентен, ваквата форма на општествена реакција секогаш е поврзана со полесните форми на кривични дела. Факт е дека и новиот Кривичен закон се движи во таа насока, дека, за полесни кривични дела не би требало да се изрекува ефективна казна затвор туку алтернативна мерка – вели Тупанчески.

Тој дополнува дека алтернативните мерки треба да останат и според него, нивниот каталог треба и да се прошири.

Имаме позитивно поместување во однос на нивната примена, верувам дека ќе продолжи таквата тенденција и натаму, не само судовите, не само казнено поправните установи, туку и поголемиот дел од македонското општество, значи дека има и други институции кои што би требало да добијат задолженија и да го дополнат процесот на примена на имплементација на алтернативните мерки – вели Тупанчески.

Тој заклучува дека алтернативната мерка со сите позитивни и негативни страни што ги има, во секој случај е подобра варијанта отколку ефективната казна затвор, затоа што со алтернативните мерки се избегува феноменот „криминална инфекција“.

Пробацијата билет кон ресоцијализација и реинтеграција на сторителите на кривични дела

Од Хелсиншкиот комитет за МИА велат дека покрај потребата од ангажирање на стручен кадар за ресоцијализација во казнено-поправните установи, потребно е и развивање и имплементирање на соодветни програми за ресоцијализација кои ќе им помогнат на осудените лица целосно да се реинтегрираат во општеството.

За таа цел, неопходно е и решавање на сите системски проблеми, кои со години се присутни во пенитенцијарниот систем како подобрување на материјалните услови, овозможување на непречен пристап до здравствена заштита и образование и подобрување на постпеналната помош, кои исто така имаат исклучителна важност во процесот на ресоцијализација на осудените лица. Само на таков начин ќе им овозможиме на овие лица целосна реинтеграција во општетството и намалување на стапката на рецидивизам – велат од комитетот.

Во однос на пробацијата, нагласуваат дека иако Законот за пробација започна да се применува во 2016 година, во пракса не заживеа, односно судовите многу ретко изрекуваат алтернативни мерки на обвинетите лица.

Оваа година на територијата на целата држава се отворија повеќе локални пробациски канцеларии, па оттука, очекуваме судиите повеќе да ги употребуваат одредбите од Законот за пробација и да соработуваат со пробациските работници при утврдување на видот и висината на кривичната санкција на обвинетите лица – велат од Хелсиншки.

Според нив, алтернативните мерки не само што ќе придонесат до подобра реинтеграција на осудените лица, туку и ќе доведат до намалување на пренатрупаноста во затворите, а општокорисната работа како алтернативна мерка ќе има и позитивно влијание врз локалната заедница, наспроти ефективните казни затвор и условните осуди со кои многу често постои поголем ризик осуденото лице да се јави како повратник, односно да го повтори кривичното дело.

Според анализата на МИА, пренатрупаноста во затворот во Штип е најголема, истовремено, алтернативните мерки од истиот регион остануваат во најмал број. Фактот дека затворите се огледало на едно општество останува, и несомнено, нивната пренатрупаност може да се релаксира токму преку алтернативните мерки. Позитивниот тренд е тука, останува динамиката да ја покаже нивната целисходност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.