Во име на Владата на Република Македонија, техничкиот премиер Оливер Спасовски, им го честита на сите граѓани државниот празник 24 мај, „Св. Кирил и Методиј“ – Ден на сесловенските просветители.
Почитувани граѓани на Република Македонија, честит 24 Мај, Денот на Светите браќа Кирил и Методиј. Со денешниот празник, Денот на сесловенските просветители, одбележуваме еден исклучително значаен цивилизациски процес за Македонија, Европа и светот, остварен преку нивните мисии меѓу словенските народи во деветтиот век.
Темелот на овој процес е создавањето на првата азбука – глаголицата, од која подоцна нивните следбеници, пред сѐ, Свети Климент Охридски, ќе ја создаде кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо.
Светите браќа овозможија Библијата да биде достапна за сите Словени и старословенскиот јазик да се воведе во црковните служби. Истовремено, тие и нивните ученици, ќе започнат и далеку поширока културна активност преку описменување на населението, превод на книги и формирање на книжевни школи, од кои подоцна ќе произлезе и Светиклиментовата охридска школа.
Епохалното дело на Светите Кирил и Методиј, на различните словенски народи им овозможи самоуверено да зачекорат на светската цивилизациска сцена.
Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека оддаваме почит на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи, кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ги слават со достоинство и чест.
Затоа и Папата Јован Павле Втори во својата енциклика, послание, од 31 декември 1980 година, ги прогласи Светите браќа за заштитници на Европа.
Во време кога се соочуваме со пандемијата предизвикана од КОВИД-19, и кај нас и во светот се наметнува неопходност за една нова нормалност со поинаков начин на функционирање, вклучително и во образованието. А токму наследсвото кое ни го оставија Светите браќа Кирил и Методиј не потсетува и обврзува на потребата од визионерство во организирањето на образовниот процес преку употребата на алатки што ги нуди современата технологија.
Светите браќа како покровители на просветните работници се инспирација и за нивната работа, како и за работата на образовните институции во нови услови, за да се оствари едукативниот процес за секој ученик и во оваа вонредна состојба и во оваа прилика упатувам честитки до сите вклучени во овој процес.
Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј!, порача Спасовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.