Високата делегација од Сојузната американска држава Вермонт, која ја предводи заменикот на гувернерот, Моли Греј и командантот на Националната гарда (НГ), генерал-мајор Грегори Најт, која престојува во тридневна официјална посета на земјава, денес престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.

За време на посетата на Министерството и Генералштабот, делегацијата се сретна со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на која присуствуваше и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, додека генералот Најт имаше средба и со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Заблагодарувајќи се за нивното присуство на денот на високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“, министерката Радмила Шекеринска ја потенцираше одличната одбранбена соработка и важноста на вежбата во контекст на актуелните случувања.

Оваа вежба беше прв тест за нас по членството во НАТО и по пандемијата, кој го положивме успешно. Високо го цениме сето она што го направивте за нас во изминатите над две децении пријателство и сојузништво. Тоа создаде основа да градиме мостови и во други области како што е економијата, рече таа.

Шекеринска нагласи дека соработката со Вермонт остави силен печат врз кариерите на многу војници и офицери на Армијата.

Високата бројка на наши војници и офицери кои учествуваа во соработката со Вермонт претставува силна препорака на Армијата на Република Македонија и во НАТО. Нивното воено образование во САД позитивно ја смени нашата Армија, истакна Шекеринска.

Заменик-гувернерката Моли Греј посочи дека вратата на Вермонт за обука и тренинзи на нашата Армија останува отворена и притоа се осврна на потребата од поголемо вклучување на жени во безбедносниот сектор.

На средбата стана збор за плановите за вклучување во меѓународни мировни мисии на нашата земја, како и за погодностите на „Криволак“ како армиски полигон со високо развиени капацитети за вежби и обука.

Во текот на посетата од страна на генералот Најт на десет припадници од составот на Баталјонот на воена полиција им се доделија значки за посебни заслуги кои се признание за покажаната висока професионалност во извршување на задачите за време на претходната посета на делегацијата на НГ на Вермонт на нашата држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.