Вирусот почна да се шири и во градинките. Заклучно со вчерашниот ден, регистрирани се позитивни случаи во градинките во Скопје, Битола и Свети Николе.
Од Министерството за труд и социјална политика вчера информираа дека се работи за заболена вработена во градинката Мајски Цвет – Битола – објект „Коца Василевска“. Во другиот случај се работи за вработена во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје.
Во однос на првиот случај, од страна на КЗБ остварен е контакт со родителите на децата и изолирани се само децата од таа група.
Од Министерството посочија дека согласно проценките на КЗБ, нема опасност за останатите групи од објектот и тие можат да продолжат со работа и примање на деца. Притоа, во домашна изолација се и други пет вработени во истата градинка до 15 односно 17 септември, од последниот контакт со заболената вработена во градинката.
За сите пет деца кои биле во групата на вработената позитивна на Ковид-19, даден е предлог за здравствен надзор заклучно со 23 септември. Во однос на оваа градинка, потенцираат од Министерството, се превземаат сите мерки за дезинфекција на објектот и просторијата во градинката.
Во изминатите 24 часа регистрирани се 140 нови случаи на КОВИД-19, со што вкупниот број на активни случаи во земјава се искачи на 1920. Најмногу заболени се уште има во Скопје и Куманово, а од вчера почнаа да се забележуваат нови случаи и низ неколку градинки во државата, и тоа по само три дена од нивно отворање.
Според извештајот на Министерствтото за здравство, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 15694. Бројката на оздравени пациенти е 13128, а починале вкупно 646 лица.
Досега, во земјата се направени вкупно 164.639 тестирања на ковид -19.
Од направените 1507 тестирања во текот на вчерашниот ден, најмногу нови случаи се регистрирани во Скопје – 43, потоа во Куманово со десет новозаболени, Штип – 4, Прилеп – 9, Тетово – 12, Струга – 7, Гостивар – 9, Струмица-11, Кочани-5, Свети Николе – 3, по еден во Охрид, Крива Паланка и Македонски Брод, по двајца во Велес, Гевгелија, Радовиш, Делчево и Ресен и по тројца во Дебар, Битола, Кавадарци и Виница.
Институтот за јавно здравје во текот на вчерашниот ден има регистрирано 134 оздравени, а четири починати лица.
Во Скопје преовладува бројот на активни случаи, и тоа најмногу во Чаир со 52 случаи, потоа во Гази Баба – 71, Аеродром – 99, Карпош – 66, Центар – 72, Кисела Вода – 53, Ѓорче Петров – 33, Бутел – 36, Шуто Оризари – 12, Студеничани – 11, Сарај – 17, Арачиново – 8, Илинден – 11, Сопиште – 4, Чучер Сандево – 2, Петровец – 4 и Зелениково – 1.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.