Освен крадци и собирачи на старо железо, повеќе од 10 години никој друг не влегол во вилата Свети Стефан во Охрид, кој, всушност е објект од резиденцијално-репрезентативен карактер од највисок државен ранг, изграден на само три метри од брегот на Охридското Езеро и наменет за одмор на државниот врв, соопшти граѓанското здружение „Праведни и професионални“.

Како што наведуваат оттаму, повеќе од една деценија овој значаен објект стои заклучен, празен и неупотребен, иако за него е надлежната Службата за општи и заеднички работи на Владата, која е должна редовно да го чисти и да го одржува.

Портата од дворот на објектот не е отклучена многу одамна, со години никој не го пречекорил нејзиниот праг, олуците се откорнати и однесени од локалните крадци на старо железо, додека пристапот и скалите се претворени во мини депонија на очиглед на сите туристи кои тука секојдневно поминуваат – се вели во соопштението на здружението „Праведни и професионални“.

Детектирањето на големиот број запуштени државни објекти и создавање нов механизам за помош на централната извршна власт, додаваат оттаму, се во фокусот на проектот „Јакнење на капацитетите за добро управување и евидентирање на државниот недвижен имот“.

Проектот трае шест месеци, ќе ја покрива територијата на цела држава и во него ќе бидат вклучени голем број на државни службеници кои се на работни позиции поврзани со недвижностите во државна сопственост. Во изминатиот период истражувавме, собиравме податоци од терен, правевме нивна анализа и обработка и дојдовме до поразителни податоци. Во секоја поголема населба стојат празни домови на културата, младински и задружни домови, стари училишта или месни заедници во кои не може ниту да се влезе. Со поддршка на локалните службеници од подрачните министерства, како и со сестраната поддршка од Цивика мобилитас, заедно со членови на здружението ‘АКЦИЈАШИ Скопје‘ снимени се најразлични изданија на објекти заборевени и од државата и од граѓаните – се наведува во соопштението.

Како што додаваат од здружението, овој проект се реализира со финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас-програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за подршка на граѓанското општество во Македонија, која ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот Центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.