Синоќа на официјалните страници на социјалните мрежи на министерот за здравство Венко Филипче беше објавено, па повлечено видео на кое папагали повторуваат „Оставка“, додека се појавуваат фотографии од статии со изјави од членот на Извршниот комитет на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, инфектологот Вело Марковски. Истовремено, во видеото се појавуваат фотографии од собири на членови на најголемата опозициска партија каде не се носат маски.

Од кабинетот на министерот соопштиле дека видеото е пародија на неоснованите критики на опозицијата кон неговата работа како министер за здравство во време на светска пандемија.

Сепак, заради дел од коментарите на граѓаните кои сметаа дека содржината е несоодветна, со сета почит кон нив, видеото е повлечено. Но, неговиот став кон неконструктивната критика од опозицијата за неговата работа и работата на Комисијата за здравство останува. Во вакви услови, без разлика на политичката опција, секој има одговорност, одговориле од МЗ.

Од опозициската ВМРО реагираа на повлеченото видео и соопштиле дека власта на СДСМ без никаков срам се фали дека обезбедува средства за справување со здравствените и економските последици од пандемијата.

Според нив, неодговорно е тоа што министерот наместо да спасува животи објавува пародии и видеа со папагали.

Да Венко, 1.000 причини зошто, 1.000 причини затоа за ОСТАВКА! Додека бележиме двоцифрени бројки на починати лица ти се забавуваш на социјалните мрежи. Џим Кери видео на ден во кој бележиме 21 починато лице е одлика на министер? Желен за власт, желен за лајкови, заробен во својата суета сееш ароганција и омаловажуваш. Залудно бришеш, очајот е трајно запишан, изјави Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.