Благодарение на Амбасадата на Швајцарија и Швајцарската агенција за развој и соработка, Територијалната противпожарна единица на општина Берово и подружниците на ЈП Национални шуми Берово и Пехчево, после долги години, денеска добија четири нови противпожарни возила, опрема за пожарникарите, дрон, како и обуки за пожарникарите за управување со дрон, сподели вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски.
На „Фејсбук“ Николовски нареди фотографии на кои се кити со швајцарските донации велејќи: „Со заеднички сили, со поддршка од нашите меѓународни партнери и преку владините програми, континуирано вложуваме во подобрување на условите за живот во секоја општина и во секој сегмент“.
Имајќи предвид дека кампањите за локални избори само што не започнале, очигледен е обидот Николовски да се себепромовира и да тера партиска кампања на државна сметка. Па, дури и кога станува збор за донација, а не за нешто што неговата влада го обезбедила од парите кои граѓаните им ги плаќаат.
Законот вели дека „Злоупотребата на јавните ресурси е секоја злоупотреба на средства и добра во сопственост на државата за изборни цели“. Иако ова не е проект којшто е предвиден во програмата на СДСМ и за кој биле одобрени средства во тековната година, тој се презентира како успех на оваа влада, темпиран токму сега, во предизборието, како да го оствариле ветеното пред граѓаните. Со други зборови – класичен пример за злоупотреба на државните ресурси во време на политичка (пред)кампања, а некогаш најгласните „активисти“ и институциите сега молчат пред противзаконските постапки на вицепремиерот за корупција.
Во кое својство, пак, токму тој, Николовски присуствуваше на целата церемонија за овие четири возила, останува неодговорено, како и за многуте досегашни негови екскурзии на места каде што нема што да бара вицепремиер со титула како неговата. Човек за сè.
Додека СДСМ беа опозиција постојано обвинуваа дека тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со државни пари тера кампања. Обвинуваа за злоупотреби, бараа постапки. Денес злоупотребата на СДСМ има ново име. Таа се вика Пи-ар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.