Породилно отсуство од 12 месеци, но засега само во најава. Мајките реагираат на социјалните мрежи до каде е законското решение бидејќи реформата беше најавена уште пред два месеци, а сега надлежните молчат и не се знае дали воопшто ќе се реализира.

Демек јуни ќе се усвои, ама еве го помина и јуни…

Нема ни да го усвојат затоа што се е веќе пуштено, а и ковидов си оди..

И да се усвои ќе биде за новите мајки после усвојувањето но со оглед на тоа дека од 2016 се усвојува далеку ќе стигне…, коментираат мајките на социјалните мрежи.

Но, од надлежното министерство не се брзаат. Иако беше најавено дека јавна дебата со засегнатите страни ќе се одржи во јуни , деталите за предлогот уште не се разработени и расправа месецов нема да има.

Важно е да се напомене дека се работи за широк консултативен процес, во кој од особено значење се мислењата и забелешките на социјалните партнери, како најзасегнати страни во однос на законските решенија. Имајќи го ова предвид, кога ќе се постигне меѓусебна усогласеност за текстот на новиот предлог-закон, ќе се премине кон јавно дебатирање за истиот. Новиот Предлог на Закон за работните односи, согласно Програмата на Владата, треба да влезе во владина процедура на крајот на декември 2021 година, информираат од МТСП за „Сител“.

Според првичните најави реформата предвидува сегашното породилно отсуство од 9 да се продолжи за три месеци, од кои 5 месеци се предвидени како задолжително отсуство на мајката. Остатокот, ќе може да се комбинира со таткото.

Иницијативите за овие измени особено зачестија во екот на пандемијата. Најголем дел од мајките бараа породилното да трае подолго поради ризикот од заразување на децата во градинките а и групите таму се сведоа на минимален број. Дел од родителите беа приморани да дадат и отказ од работа бидејќи немаше кој да им чува децата.

Во меѓувреме во градинките уште се на сила протоколите и се згрижува ограничен број на деца. Засега нема да има комплетно отворање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.