Односот на верските заедници кон процесот на вакцинација има влијание кај дел од верниците околу нивната перцепција кон вакцините, како и кон одлуката дали да се вакцинираат или не. Ова е особено значајно за муслиманските верници, со оглед дека кај нив влијанието на верската заедница за процесот на вакцинацијата е многу поизразено.
Ова се дел од општите заклучоци на последното истражување на јавното мислење, „Верските заедници и ковид кризата – односот на религијата кон ковид пандемијата“, што го спроведоа интернет порталот „религија.мк“, „Институтот за политички истражувања Скопје“ – ИПИС и фондацијата „Конрад Аденауер“ – КАС. Истражувањето е споредбено на оваа тема речиси година и половина по првото вакво истражување направено на почетокот од пандемијата.
На прашањето „Дали сте вакцинирани?“, високи 59 отсто од испитаниците одговориле потврдно. Процентот на вакцинирани кај православните е 68 проценти, додека кај муслиманите истиот е релативно понизок, односно изнесува 36 отсто, покажува истражувањето.
Од оние 40 отсто од испитаниците кои изјавиле дека не се вакцинирани, како причини ги навеле: „дека не веруваат во вакцината“ – 18 отсто, потоа 20 отсто не се вакцинирале „поради здравствени причини“, 17 проценти поради тоа што „имаат прележано Ковид“, десет отсто „немаат доверба во здравствениот систем“, девет проценти сметаат дека „вакцините се штетни и опасни“ и 14 отсто навеле некоја друга причина.
Кај шест од десет верници пандемијата од Ковид-19 имала влијание за да ги редуцираат своите посети на верските објекти изминативе две години. Речиси истиот процент на граѓани веруваат дека може да се заразат со вирусот ако се дел од масовна прослава на верски празник. Токму затоа осум од десет верници при посетата на храмовите за време на верски празници користат маски, покажува истражувањето.
Како што наведуваат од ИПИС, според анализата на резултатите од прашањето „Дали некој од вашата верска заедница имал влијание врз вашата одлука дали да се вакцинирате или не?“, 12 отсто од испитаниците одговориле потврдно, а 75 проценти изјавиле дека никој од верската заедница немал влијание врз нивната одлука.
Во однос на припадниците на различни религии, овој процент кај православните е седум отсто додека кај муслиманите е повисок и изнесува 26 проценти.
Малку повисок е процентот кога станува збор за тоа „дали на верниците им е важно мислењето на нивната верска заедница за да одлучите дали да се вакцинираат?“. Околу 13 отсто од православните верници одговориле потврдно, додека кај муслиманите процентот е многу повисок и изнесува 55 отсто.
Процентот од вкупниот број на испитаници е 23 отсто.
Одговорите добиени од овие прашања водат кон заклучок дека односот на верските заедници кон процесот на вакцинација има влијание кај дел од верниците и кон одлуката дали да се вакцинираат или не. Ова е особено значајно за муслиманските верници, бидејќи укажува на тоа дека Исламската Верска Заедница може да има пресудна улога во популаризација на процесот на вакцинација кај муслиманите, наведуваат од ИПИС.
Со оглед на одредени тези кои се пласираа во јавноста околу влијанието на религиозните начела и процесот на вакцинација, испитаниците беа прашани „дали сметате дека антиваксерите се религиозни?“ На ова прашање само 29 отсто од испитаниците одговориле потврдно, додека 20 отсто сметаат дека антиваксерите не се верници, а останатите 51 отсто не знаеле. Иако одговорите на ова прашање не даваат дефинитивен заклучок околу степенот на влијание, односно поврзаноста на антиваксерството со религиозноста кај одреден дел од популацијата, сепак може да се истакне дека со овие резултати очигледно се побиваат одредени претпоставките дека доминантна перцепција на граѓаните е оти најголем дел од антиваксерите не се вакцинираат поради религиозни причини, наведуваат од ИПИС.
Резултатите покажуваат и дека кај 27 отсто од испитаниците (29 отсто православни и 23 отсто кај муслимани), коронавирусот бил пресуден во ограничување на посетите на верски објекти, а за дополнителни 35 отсто пандемијата донекаде влијаела во одлуката да посетите некој верски објекти. Само девет отсто (осум отсто православни и 12 отсто муслимани) одговориле дека пандемијата немала никакво влијание во однос на нивната вообичаена динамика на посетување на верски објект.
Над половина од испитаниците сметаат дека верските заедници треба уште поактивно да се вклучат во борбата со Ковид-19, а мнозинството од нив ги поддржува сите три понудени опции за тоа како би се вклучиле верските заедници, односно со хуманитарни акции, со јавни настапи и совети, како и со повици да се вакцинира населението.
Повеќето граѓани сметаат дека верските заедници се однесуваат одговорно во однос на пандемијата, дека ги почитуваат мерките и препораките на здравствените власти за заштита од вирусот, како и дека немале влијание кон зголемување или намалување на заразата, покажуваат резултатите од истражувањето.
Ова истражување е воедно и еден барометар за бројките околу процентот на вакцинирани и прележани од Ковид-19, наведуваат од ИПИС. На прашањето „дали сте прележале Ковид?“, високи 35 отсто од испитаниците одговориле потврдно и дополнителни девет отсто одговориле дека не знаат. Ова е релативно повисок процент од официјалните бројки според кои отприлика 13 отсто од возрасната популација ја имаат прележано болеста.
На прашањето „Дали верувате дека постои Ковид?“, високи 83 проценти од испитаниците одговориле потврдно, а додека само пет отсто сметаат дека Ковид не постои. Ова е висок процент на граѓани кои веруваат дека постои корона вирусот, особено што на почетокот на пандемијата имаше релативно влијателно мнение кај дел од јавноста дека вирусот воопшто не постои.
Истражувањето „Верските заедници и ковид кризата – односот на религијата кон ковид пандемијата“ е спроведено кон крајот на ноември 2021. Големината на примерокот е согласно потребите на истражувањето, а во овој случај се вклучени 1125 испитаници со задржување на генералниот сооднос во поглед на базичните демографски карактеристики како пол, возраст, професија и образование.
Маргиналната грешка е помеѓу +/-3.2 отсто со 95 отсто интервал на веродостојност.
Од ИПИС појаснуваат дека од одговорите на прашањето може да се заклучи дека со оглед што околу 60 отсто од испитаниците (популација над 18 години) изјавиле дека се вакцинирани, овој процент не соодветствува, односно е повисок од официјалниот податок кој се движи околу 50 отсто. Оваа разлика се должи пред се на два фактори, првиот е дека популацијата над 18 години во државата е помала од официјалните податоци, додека вториот е што дел од населението се вакцинирале во соседните држави и се уште не е влезено во официјалната статистика, појаснуваат од ИПИС.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.