Зијадин Села ја откажал денешната средба на која што требаше да се разговара за обезбедување поддршка за консензуален кандидат за претседател на државата, во знак на револт од одземањето на ингеренциите во образованието на гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари.

Заев рече дека го разбира револтот, но законите мора да се спроведуваат. Сепак, остава простор за натамошна комуникација.

Се слушнав со господинот Зијадин Села. Во знак на револт поради одземани надлежности во образованието на градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари од страна на Министерството за образование тој ја откажа средбата. Се надевам, оставивме простор за комуникација заради тоа што тоа е вредно. Јас работам и со самото министерство, законите мора да се спроведат секако, да ги гледаме позитивните основи на самите закони, изјави Заев.

Одговарајќи на новинарски прашања, по пуштање во употреба на новата сала за јавни услуги од повеќе институции, тој кажа дека како поранешен градоначалник е свесен што значи одземањето на надлежностите на која било општина без оглед дали е тоа Струга, Куманово, Гостивар, и најави дека ќе се бара решение на заедничка средба со градоначалникот на Гостивар и министерот за образование.

Го сфаќам револтот, драго ми е што се слушнавме со Зијадин Села и веројатно ќе најдеме друг начин на комуникација за оваа важна одлука за државата. Останувам оптимист. Не можам да кажам дали сум сигурен заради тоа што допрва следуваат одлуки на органи и тела на политичките субјекти со кои се сретнав и со кои ќе се среќавам, изјави Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.