Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски, на собраниската седница за поставување на пратенички прашања, обвини дека наместо високите функционери во власта да се борат со криминалот и корупцијата, станала организатори, соработници и директни соучесници во криминалот.

Високата корупција и криминал се феномени против кои владата на Зоран Заев не само што не успеа да се избори туку нејзини функционери се претворија во организатори, соработници и соучесници во криминалот. За многу скандали до ден денеска јавноста не слушна дека има покренато истраги од страна на обвинителството, а камо ли пак обвинителен акт или судска разрешница на некој предмет – изјави Велјановски.

Тој посочи дека политичари од врвот на власта кои со име и презиме се прозвани од јавноста за коруптивни и криминогени активности и за нив се пишува во странски и домашни медиуми, а за некои од нив има и аудио снимки, се заштитен вид и се недопирливи пред органите на прогонот.

Истите наместо да одговараат пред законот се поштедени и вршат високи државни функции, додаде тој. Првото прашање е во врска со висок функционер на владата Драги Рашковски, дали против него ќе биде поднесен обвинителен акт или ќе биде отворена предистражна постапка. Она што го слушнавме од медиумите е дека компанијата ЈЕЛАК Градба со седиште во Тетово чии управител е контроверзниот црногорски политичар и бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака неодамна го откупил целиот имот од објектот на поранешниот ШИК ЈЕЛАК. Но, исто така добила и решение за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. За овој случај уште во мај 2020 година за прв пат се обелодени дека во советот на општина Тетово е ставена точка за однесување на ДУП за атрактивно земјиште на влезот во Тетово каде што се наоѓаат шумарско индустрискиот комбинат ЈЕЛАК, ЈП Македонски шуми Тетово и други објекти на кои е предвидена изградба на повеќе од 20 осум катници и неколку трговски центри – праша Велјановски.

Велјановски ги спомна и другите скандали кои се поврзани со Рашковски, меѓу кои и случајот Леонардо и набавката на софтвер со кој се од позиција на генерален секретар на владата за 81.000 евра за потребите на МВР, а полицијата воопшто не ни знаела за ова, ниту пак ќе го користела.

Прашањето до вас е следно, дали ќе побарате одговорност што Драги Рашковски како висок владин функционер за кој што има индиции дека е вмешан во организиран криминал е надвор од државата, далеку од органите на прогон и обвинителството конечно ќе се охрабри да поднесе акт односно истрага против него – праша Велјановски.

Тој праша и дали ќе има одговорност и за Мила Царовска за случајот Меѓународен сојуз во кој вчера еден од сведоците изјави дека токму Царовска лично ја упатила кон невладината организација чии претседател бил Бојан Јовановски.

Дали има отворено предистрага за вмешаност на Мила Царовска во овој скандал и доколку е отворен до која фаза е постапката – праша Велјановски.

Велјановски го праша Николовски и за родилката од Дебар на која и беа извадени здрави органи, односно како што рече тој и по седум месеци од назначување на Николовски за прв човек во борба против криминалот не се одважил да излезе и да ја информира јавноста за целиот случај, но и колку функционери биле вмешани во ова.

Дали има коруптивни елементи и дали чувствувате одговорност за фактот што поминаа повеќе месеци од кога се случи осакатувањето на родилката од Дебар а вие како прв антикорупционер од власта не излеговте во јавноста со извештај за тоа каде се имало корупција во овој случај, а исто така можевте да кажете колку функционери се вмешани во осакатувањето на родилката и се суспендирани од своите позиции –  објасни пратеникот Велјановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.