Како Претседател на Собранието од претходниот состав конститутивната седница ја закажав на 30 декември 2016 година, согласно Уставот и Деловникот на Собранието со 4 точки на дневниот ред и тоа .Верификациона комисија, верификација на мандати, избор на Комисија, и избор на Претседател.
За непречено течење на седницата закажав подготвителен состанок на 29 декември 2016 година. На тој состанок присуствуваа претставници од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијанса за албанците, вака Трајко Вељаноски го започна денешниот исказ за настаните од „27 април“.
Тој нагласи дека инсистирал да се постигне договор за сите точки од дневниот ред за да заврши седницата како што треба, но оти од страна на претставникот од СДСМ Оливер Спасовски и претставникот од ДУИ Талат Џафери, беше побарано да се прекине со завршување на втората точка а тоа е верификација на мандат на пратениците а со третата точка избор на Комисија за избор и именување да не се продолжи.
Од моја страна беше инсистирано барем со третата точка да завршиме односно да избереме Комисија за прашања на избори и именувања а доколку уште нема утврдено кандидат за Претседател на Собрание да ја прекинеме седницата само со таа точка, дури од моја страна им беше даден пример од 2006 година кога конститутивната седница се прекина послем третата точка бидејќи немаше уште утврдено кандидат за ПСРМ, јас бев тогаш избран за претседател на Комисијата за избор и именувања и по седницата на комисијата го известив претседавачот Стојан Андов дека и треба време на комисијата за да утврди предлог-одлука за ПСРМ и послем 5-6 дена откако се постигна договор од парламентарното мнозинство се предложи кандидат за ПСРМ – г-н Љубиша Георгиевски, и продолжи конститутивната седница послем 5 дена со четвртата точка со избор на ПСРМ и се изврши избор на ПСРМ, но за жал и Оливер Спасовски и Талат Џафери не сакаа да дадат предлози за Комисијата за избор и именувања а без нивен предлог неможеше да се расправа и избере комисија и затоа конститутивната седница беше прекината со втората точка.
Вељаноски објасни што се случувало на седницата на 6 април 2017 година кога Оливер Спасовски побарал да се прекине со расправата по третата точка и да се премине на четвртата точка, иако имаше пријавено за збор по таа третата точка.
Овој предлог е спротивно на чл. 80 став 2 во кој е наведено: Претресот по точката трае се додека не се исцрпи листата на пратеници кои се пријавиле за збор.
По дадениот предлог од Оливер Спасовски свикав координација на 6 април во 12,00 часот и на истата се постави и ова прашање кое е спротивно на чл. 80 став 2 од Деловникот, кое нешто го укажаа и други претставници на политичките партии и непостоеше согласност за примена на член 78.ст.2 бидејќи е спротивен на Деловникот ова го потврдија и сведоците Илија Димовски и Оливер Спасовски.
Што се случуваше на 27 април 2017 година
Би сакал да напоменам дека СДСМ претходните 6-7 денови а не само на 27 април нон стоп држеше прес конференции и најавуваше дека ќе извршат избор на ПСРМ за тоа се сведоци и јавноста а и присутниве новинари тука на ова судење, но за мене најмеродавен податок, дали дента ќе дојде до изборот или не, е мониторот за пријавени пратеници за збор, реплики и контра-реплики. Со оглед на тоа дека имаше многу пратеници пријавени за збор не ни очекував дека дента ќе дојде до избор но доколку се откажеа пријавените пратеници таа можеше во секој момент да заврши.
После 14,00 часот за време на паузата пратеникот Зоран Заев одржа прес конференција во прес салата на Собранието и истото јавно го повтори на прес конференција. Тоа што го кажа Зоран Заев јавно на пресот, со порака ме извести вработената во кабинетот Сања Угриновска Спасеновска . за што сакам да напоменам дека таа порака се експлоатира без последните неколку збора а тие се : “ Вечерва имаат централен одбор и мислам дека утре ќе се обидат да го направат изборот “ , со што јасно се кажува дека на 27 април не се очекуваше да се случи избор на ПСРМ и сите немили настани што следеа.
Сето ова се потврди од стенографските белешки од 27 април кој е изведен како материјален доказ како и од сведочењето на Зоран Заев и сведочењето на Сања Угриновска Спасеновска која кажа дека била надлежна за односи со јавноста и за известување од прес конференциите и дека ми испратила порака од пресот на Зоран Заев и тоа била вообичаена комуникација за сите прес конференции.
Пораката што ја добив од вработената во Собрание Сања Угриновска Спасеновска ја препратив до Никола Груевски , информативно односно нешто што целата јавност го знаеше од самиот прес и тоа го имаше по сите портали и медиуми.
Некаде по завршување на паузата после 15,00 часот, продолжи со редовен тек седницата согласно пријавените пратеници.
Седницата требало да продолжи на 28 април
Во текот на седницата ме известија од службата дека има писмо односно барање потпишано од 31 пратеник од СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијанса за албанците, со кое бараат продолжението на конститутивната седницата да биде закажано за 28 април 2017 година(петок), со почеток во 11,00 часот. Дописот е заведен во архивата на Собранието со арх. бр. 08-1079/1 од 27.04.2017 година.
Дописот-барањето е изведен како материјален доказ а истото го потврдија и сведоците Сања Угриновска Спасеновска од кабинетот, пратениците Петар Атанасов, Диме Велковски, Татјана Прентовиќ, Коста Јаневски од СДСМ, Алија Камберовски од ПЕИ, Јулија Николова од ЛДП, Реџаил Исмаили од ДУИ, Теута Биљали,Фадил Зендели, Зекирија Ибраими од БЕСА.
Ова ми даваше повод дека ќе има редовен тек седницата на 27 април и дека ќе продолжи утредента на 28 април.
Пораката од Никола Груевски
Некаде околу 16,00 часот добив препратена порака од Никола Груевски, кој што тој ја добил од Панче Кралев. Оваа порака за мене немаше никакво значење бидејќи
Прво имаше пријавено голем број пратеници за збор, реплики и контра-реплики на мониторот.
Второ, веќе го имав добиено дописот односно барањето потпишано од 31 пратеник за продолжување на конститутивната седница за наредниот ден на 28 април.
Трето, претходниот ден односно на 26 април исто така добив препратена порака од Никола Груевски кој што пак ја добил од Митко Чавков дека тој ден на 26 април ќе се извршело избор на претседател на Собрание што не се случи на тој ден.
Сето тоа наведуваше на несериозноста на препратената порака. Седницата си продолжи со редовниот тек.
Некаде околу 17 часот и 10 минути дадов кратка пауза од 5 минути и ги повикав претставниците на политичките партии на кратка координација во сала на Влада. На таа кратка координација дојдоа пратениците Оливер Спасовски од СДСМ, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, Ејуп Алими од ДУИ, Зекирија Ибраими од БЕСА, Весел Мемеди од Алијанса за Албанците. На таа пауза побарав заеднички да одлучиме да ја продолжиме седницата за наредниот ден согласно дописот односно барањето потпишано од 31 пратеник. Заеднички сите одлучивме седницата која што ќе трае до 18,00 часот да продолжи наредниот ден, согласно барањето од 31 пратеник.
Оваој договор во сведочењето го потврдија Илија Димовски, Оливер Спасовски, Весел Мемеди, Ејуп Алими и Зекирија Ибраими.
Овој договор од кординација, претставниците на политичките партии го пренесоа на пратениците дека е договорено седницата да продолжи и утредента на 28 април кое нешто го поврдија голем број на сведоци и тоа преку 20-тина сведоци од ВМРО-ДПМНЕ, од ДПС, СПМ, ДУИ, и од други политички партии.
По таа кратка пауза се вратив за да ја продолжам седницата и таа продолжи со редовен тек. После некои десетина минути откако продолжи седницата се јави за процедурално пратеникот Оливер Спасовски, кој побара согласно член 78 став 2 од Деловникот да се стави предлогот за гласање за да се прекине третата точка и да се продолжи со четвртата точка, иако третата не е завршена.
На овој предлог процедурално реагираше пратеникот Илија Димовски дека ваквиот предлог е спротивен на Деловникот односно на член 80 став 2. За овој ваков предлог веќе беше разговарано на координациите на 6 и 10 април и ваквиот предлог е спротивен на Деловникот и затоа не може да се стави ваков предлог на гласање. После Илија Димовски процедурално зема пратеникот Крсто Мукоски, кој во својата процедурална забелешка ја пееше македонската химна. По Крсто Мукоски следен кој што зема процедурално е пратеникот Антонијо Милошоски, па потоа пратеникот Зоран Илиоски процедурално, па пратеникот Владимир Ѓорчев исто така процедурално. Па процедурално зема пратеникот Зекирија Ибраими кој што истовремено е и заменик координатор на пратеничката група БЕСА,.
Tој објасни дека морал да му даде збор на пратеникот Зекирија Ибраими како тогашен координатор на пратеничката група БЕСА и оти немал механизам да му го исклучи микрофонот кога почнал да ја пее албанската химна.
Сето ова може се виде од стенографските белешки од 27 април кои се изведени како материјален доказ како и од исказите на сведоците Илија Димовски, Антонио Милошоски, Владимир Ѓорчев, Зоран Илиоски, Никола Тодоров.
Од исказите на сведоците Џеват Адеми и Артан Груби се потврди дека Зекирија Ибраими бил пријавен пред нив за процедурално а не како што лажно сведочеше Сашко Коцевски дека преку ред му е дадено збор на Зекирија Ибраими.
Зекирија Ибраими во процедуралната забелешка пееше на албански. За време на пеењето немаше превод од собранискиот преведувач Беса Дрндар и јас не бев запознат што се пее на албански. Тоа беше кратко негде околу дваесетина секунди и одма штом заврши ја прекинав седницата бидејќи беше 18,00 часот и закажав продолжение за утредента 28 април во 11,00 часот.
Во тоа време на 27 април пратеник кога збори од говорница, претседавачот нема механизам за да го исклучи микрофонот. Кога пратеник збори од место има копче кај претседавачот каде што може да го исклучи микрофонот. Ова го потврди и сегашниов претседател на Собрание Талат Џафери кој кажа немало можност ни до 27 април ни послем 27 април од пултот да се исклучи пратеник кој говори од говорница.
Истотака и пратениците Теута Биљали, Фадил Зендели и Африм Гаши од пратеничката група Беса потврдија дека ниту тие лично ниту пратеничката група имале сознание дека Зекирија Ибраими во процедурално ќе ја пеел албанската химна и дека било негова лична одлука.
Додека пратеникот Зекирија Ибраими потврди дека бил заменик кординатор и како заменик кординатор се пријавил за процедурално и му било овозможено процедурална дискусија а дека потикнат од дневната дискусија и од Крсто Мукоски кој ја испеал македонската химна, тој во знак на протест испеал дел од албанската химна и дека тоа било лично негова одлука.
Поранешниот спикер истакна дека сведочењето на сведокот Сашко Коцевски дека после пеењето на македонската химна од страна на Крсто Мукоски сум му дал одма збор на Зекирија Ибраими е лажен исказ, затоа што после Крсто Мукоски, процедурално имаа тројца пратеници и тоа Антониот Милошоски, Зоран Илиоски и Владимир Ѓорчев а тек после нив Зекирија Ибраими има процедурално како заменик кординатор на пратеничката група БЕСА а не дека му е дадено збор за дискусија како што кажува сведокот.
Дека е лажно сведочењето може да се утврди од стенографските белешки и видео записот од 27 април кои се изведоа како материјален доказ.
Дека јас како претседавач стрикно сум го почитувал и сум се придружувал кон одредбите на Деловникот го потврдија и сведоците Зоран Заев, Петар Атанасов, Африм Гаши, Никола Тодоров и други пратеници кои сведочеа.
Во 18,00 часот согласно член 68 став 4 ја прекинав седницата и продолжението на таа седница ја закажав на 28 април во 11,00 часот согласно Деловникот и согласно договорот и писмото потпишано од 31 пратеник кое е заведено во архивата на Собранието со арх. бр. 08-1079/1 од 27.04.2017 година а тоа може да се види и од стенографските белешки од седницата од 27 април.
Откако ја прекинав седницата и закажав продолжение на седницата за утредента се качив во кабинет и за жал послем тоа се случија немилите настани во Собранието за кои најискрено жалам што се случија. И како што кажа еден сведок едни беа физички жртви, други политички жртви а севкупно сите жртви и сите изгубија.
Според Вељаноски сведочењето на сведокот Александар Василевски дека на 27 април лицето Биљана Бришковска комуницирала со мене и дека ми наредила да се отворат вратите е лажен исказ.
Јас ни претходните денови ни тој ден а ни наредните денови немам ама баш никаква комуникација со лицето Биљана Бришковска, за кое нешто го потврди и сведокот Биљана Бришковска на 11 март .
На прашањето дали имал контакти со Владимир Атанасовски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, Вељаноски одговори.
Со Владимир Атанасовски не сум имал никакви контакти изминатите 9 години додека сум бил ПСРМ дури него првпат го сретнав кога започна овој процес, не го познавав и не му ја знаев фацата како изгледа, со Миле Јанакиески сум имал контакти службено кога беше министер а во текот на 2017 година никакви контакти ни службени ниту лични, со Спиро имав службени контакти преку пораки и тоа неколку дена пред 27 април и на 27 април пред почеток на седницата но тој контакт беше во врска со инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.