Веќе три часа лидерите на политичките партии, техничкиот премиер Оливер Спасовски и претседателот на Собранието Талат Џафери на средба кај претседателот Стево Пендаровски во Вила Водно дебатираат за терминот за парламентарните избори. Поради запазување на мерките за превенција од коронавирусот средбата се одржува на отворено под тенди, на балкон од Вилата Водно. Сите учесници на средбата се со маски и седат на растојание еден од друг.

(фото: Кабинет на претседателот)

На средбата присуствуваат претседателите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, на Алтернатива Африм Гаши, на Движење Беса Билал Касами, како и претставници на ДПА.

(фото: Кабинет на претседателот)

Главна тема на лидерската средба е терминот на одржување на предвремените парламентарни избори, кои беа закажани на 12 април, но беа одложени со уредба на Владата поради прогласувањето вонредна состојба и ширењето на ковид-19. Лидерите исто така се очекува да зборуваат и за евентуално продолжување на вонредната состојба, за состојбата со коронавирусот во земјата и препораките на здравствените власти, и како да се спроведе кампања и гласање, а да се заштитат граѓаните.

(фото: Кабинет на претседателот)

Позициите на партиите се познати во јавноста, а партиски извори веќе информираат дека нивните лидери, главно официјално ги соопштиле на средбата. Лидерот на СДСМ Зоран Заев кажал дека тие и нивните коалициски партнери се за избори на 14 јуни, додека од ВМРО-ДПМНЕ дека претставиле свој план од неколку точки.

(фото: Кабинет на претседателот)

Медиумските екипи се во очекување на крајот на средбата, по која се очекуваат изјави од лидерите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.