На денешен ден 1957 година, во својот дом во Прилеп, умира Методија Андонов – Ченто, македонскиот национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ.
Поради неговата функција на претседател на Президиумот на АСНОМ, Ченто се именува и како прв Претседател на Македонија. Toj ја бранел македонската национална кауза уште од раната младост и бил еден организаторите на Илинденските демонстрации во Прилеп.
Уште на почетокот на бугарската окупација, на 26 април, Ченто добива покана да соработува со бугарските окупаторски власти. Тој ја одбива поканата и наместо тоа одбира да соработува со оние што се залагаат за ослободување на Македонија од нејзините нови окупатори.
На почетокот од мај 1944 година тој, Емануел Чучков и Кирил Петрушев заминуваат за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито. Средбата се одржува на 24 јуни при што македонската делегација го поставува прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата. Тито начелно се согласува, но не смета дека тоа треба да биде непосредна задача.
По враќањето на делегацијата од Вис, се привршуваат подготовките околу АСНОМ и на 2 август се одржува Првото заседание. На него Ченто е избран за претседател на Президиумот на АСНОМ на ова највисоко државно тело на Демократска Федерална Македонија (подоцна НР Македонија).
Првите несогласици на Ченто со комунистите, особено со Светозар Вукмановиќ – Темпо, почнуваат многу брзо по неговото преминување на слободна територија. Меѓу другото, Ченто упатува забелешки на содржината на Манифестот на Главниот штаб.
По ослободувањето на земјата несогласиците со тогашниот македонски врв продолжуваат. Ченто се противи 15. македонски корпус да оди на Сремскиот фронт, се залага за обединување и поголема самостојност на Македонија, се противи на враќање на имотот на избеганите српски колонисти и се залага за поголема финансиска независност и залагање за сопствен буџет на Македонија и на останатите југословенски републики. Комунистите пополека му ја одземаат реалната власт и поради несогласувањето со мерките што ги преземаат комунистите, Ченто на 14 март 1946 година поднесува оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.
Сака да се повлече од политиката и намира да живее во Прилеп, но на 14 јули е уапсен од полицијата пред својата куќа во Прилеп, а на 31 јули Министерството за внатрешни работи објавува дека Ченто бил уапсен поради обид за бегство во Грција. На 8 август против него е покренат обвинителен акт, а на 19 ноември е изведен пред суд во состав: Панта Марина (претседател) и Лазар Мојсов и Коле Чашуле, членови. Судењето трае доста кратко и по два дена, на 21 ноември, Ченто е осуден на 11 години затвор.
Затворен е во скопскиот затвор „Идризово“ каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија“ и бил чуван од посебна стража и му биле дозволувани триесет минутни прошетки на одредено место во затворот и еднаш неделно биле дозволувани посети на членовите на неговото семејство. Додека бил во затвор, властите често му нуделе да признае и потпише дека згрешил и се покајува, по што животот ќе му бил наполно обезбеден.
Пуштен е условно на 4 септември 1955 година, по одлежани 9 години и 4 месеци затвор. Сепак затворскиот живот остава траги врз неговото здравје. Бара од Тито да му дадат пасош за да отиде да се лечи во Швајцарија, но бил одбиен.
Осамен и во тешки болки и маки, Ченто на 24 јули 1957 умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.