Спрегата на СДСМ со одредени таканаречени невладини организации ја обелодени лично Зоран Заев, со неговата изјава дека „сите невладини се негови“. Впрочем, и самиот Заев ја потврди автентичноста на објавената снимка, вели Иванка Василвска од ИК ВМРО-ДПМНЕ.

Таа потенцира дека тоа не е ништо друго, туку директно корумпирање на медиумите од страна на СДСМ.

Финансирањето на невладините организации, кои истите тие пари од буџетот ќе ги даваат за плаќање на реклами со владина содржина не е ништо друго, туку директно корумпирање на медиумите од страна на СДСМ. Она што власта не може да го прави директно го прави преку НВО секторот и тоа претставува дрско трошење на народните пари, кога во државата илјадници семејства немаат ни за леб.

ВМРО-ДПМНЕ се залага за независен граѓански сектор, кој пред се, би имал свој интегритет и авторитет во општеството. Во тој контекст, сомнителниот оглас за финансирање на здруженија на граѓани, воопшто не води кон зајакнување на интегритетот и на авторитетот на граѓанските организации. Сметаме, дека овој скандалозен оглас не остави рамнодушен никого во јавноста. Уште повеќе што најпрво средствата од приближно половина милион евра беа скратени наводно заради економската криза предизвикана од КОВИД-19, а всушност заради одложувањето на изборите на 12-ти април.

Сега, повторно истиот буџет се доделува на граѓански организации, токму во предизборието за кое се залага Заев, што директно упатува на масовен поткуп.
Истовремено го повикуваме Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор да објасни која е неговата вистинска улога? Чии интереси штити? И зошто молчи за ваквиот предизборен поткуп на невладиниот сектор?

Воедно, ги охрабруваме граѓанските организации да реагираат на овој обид за предизборен поткуп, со цел да се сочува интегритетот и авторитетот на граѓанскиот сектор во Република Македонија. Навистина не е вредно, заради лично користољубие на индивидуи поврзани со овие „владини-невладини“, да се нарушува интегритетот, авторитетот и јавниот имиџ на целокупниот граѓански сектор.

Зоран Заев и СДСМ се оние кои го искомпромитираа и деградираа граѓанското општество. Погледнете го само бројот на „независни“ граѓански активисти, кои ги зафатија удобните владини и други функционерски фотелји, после формирањето на Владата предводена од социјалдемократите и кои всушност претставуваат само скап ПИ-АР на деструктивните политики на оваа неспособна и ненародна власт. Сега, покрај решавање на многуте проблеми во услови на здравствена и економска криза, исто така неопходни се многу напори, после ова повеќегодишно маргинализирање на граѓанското општество, повторно да се ревитализира вистинскиот плурализам на идеи и погледи кои во нормални услови го одликуваат граѓанскиот активизам. Време е да се стави крај на оваа клиентилистичка спрега и да се осуди јавно, дувлото од квази граѓански кариеристи и злоупотребата на граѓанскиот сектор од страна на Социјалдемократскиот сојуз.

Во наредниот период ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да работи на поттикнување на избалансиран граѓански сектор потполно независен и имун на злоупотреби од политичките елити.

ВМРО-ДПМНЕ е партија која ќе создаде услови за да се надмине клиентелизмот и во Македонија да функционираат независни објективни невладини организации верни на каузата за која постојат. ВМРО-ДПМНЕ во невладините организации гледа свој стратешки партнер со кој заеднички ќе работи на обновата на Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ е различно од СДСМ. Со СДСМ добивме само хибриден режим, криминал, корупција и сиромаштија, истакнува Василевска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.