На само месец дена пред избори, Владата која пред недела дена даде половина милиони евра на НВО секторот директно, сега преку АМС издвојува по 300.000 денари за НВО. Агенцијата за млади и спорт наместо да финансира проекти од областа на спортот ќе врши директен поткуп на гласачи за потребите на Зоран Заев. Имено на седница на Владата, на предлог на Агенцијата за млади и спорт донесена е Уредба за финансиска поддршка на здруженија и фондации за справување со КОВИД-19 кризата, изјави Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Согласно оваа Уредба ќе се финансираат повеќе проекти во износ од 300.000 денари по проект. Да потсетиме, во месец март оваа година истата Агенција веќе додели 3,6 милиони денари за проекти на невладини организации.Темпирањето за објавување и доделување на финансиски средства пред одржувањето на парламентарните избори, укажува на фактот дека на Агенцијата за млади и спорт воопшто не им е грижа за младите, и дека тие служат само како спроведувачи на наредбите на нивниот налогодавач, Зоран Заев.Со исто темпо за поткуп со народни пари пред избори работи и Министерството за економија, кое објави повик со кој ќе финансира настани, обуки, семинари и конференции, наменет за правни лица, фондации и здруженија на граѓани, изјави Василевска.

И тоа во време кога против пандемијата се бориме со социјална дистанца и кога е забрането одржување на настани на отворен и затворен простор, без оглед на обемот и бројот на учесници, буџетски пари ќе се трошат токму за спротивното. ВМРО-ДПМНЕ, уште еднаш јавно и гласно, и укажува на јавноста и медиумите за општиот предизборен поткуп кој се случува на секојдневна основа, а воедно ги повикува надлежните институции, „по допрен глас“ да постапат и да отворат соодветни предмети за масовното спроведување на предизборен поткуп. Ја повикуваме Агенцијата за млади и спорт и Министерството за економија да ги поништат објавените повици и да не учествуваат во предизборниот поткуп, кој веќе јавно, без срам, СДСМ го спроведува секојдневно, вели Василевска.

Во исто време, ги прашуваме одговорните лица: Чуму објавата за доделување на средства на неколку седмици пред спроведувањето на предвремените парламентарни избори?Потенцирам до сите извршители на Зоран Заев во процесот на изборен поткуп, дека во догледно време за истите ќе има соодветни постапки и за незаконитостите кои ги прават ќе треба да одговараат. СДСМ знае дека заминува во опозиција и за тоа е „приморана“ да ги наполни сметките на своите „владини, а невладини“ организации, кои што после формирањето на Влада предводена од страна на ВМРО-ДПМНЕ, ќе треба да бидат најревносните таканаречени независни критичари на сите јавни политики, изјави Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.