Поранешниот вицепремиер за ЕУ и амбасадор во САД Васко Наумовски вели дека извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден покажува дека во наредниот период Вашингтон силно ќе влијае на европските политики. Тој оценува дека на самитот на ЕУ на 22 јуни Бугарија нема да го тргне ветото што го стави во декември за усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија, но по изборите во јули Вашингтон ќе ги засили разговорите со Софија.

Најавата на претседателот Бајден дека САД се враќаат на меѓународната сцена, дадена на почетокот на мандатот, меѓудругото се реализира и преку овој тип на конкретни активности. Целта на САД е цврста стабилизација на Балканот преку интеграција во ЕУ, при што ставовите на нејзините партнери од регионот треба да бидат усогласени со оваа политика. Попречувањето на европската интеграција не оди во прилог на оваа стабилизација, со што може да се толкува дека потезите насочени против проширувањето на ЕУ нема да наидат на одобрување во Вашингтон. Можеби е доцна за поместување во однос на јунскиот самит на ЕУ, но после формирањето на нова влада во Бугарија, оваа тема секако ќе биде дел од нивните билатерални разговори со САД. Не смее да се игнорира и постојаната борба за влијание во регионот од различни центри на моќ и на овој начин САД ставаат до знаење дека нивната вклученост на Балканот ќе се зголеми, особено кај членките на НАТО. Расчистувањето со корупцијата е подигнато високо на нивната политичко-безбедносна агенда и се препознава решеност за конкретни активности на ова поле – вели Наумовски за „Слободен печат“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.