Наместо да се засрами од својата недолична изјава за тоа дека сум била деструктивен елемент во Венецијанската комисија заменик-претседателот Османи продолжува со навредите и личните дискредитации, реагира професорката Тања Каракамишева.

Последната скандалозна изјава дека сум имала шовинистички ставови и дека сум била недостојна да ја претставувам земјата во меѓународните институции ја покажа сета негова замаеност и опиеност од власта, но и личната некултура, вели Каракамишева.

Не сум знаела дека одбрана на Устав и искажано професионално мислење за катастрофално лошиот Закон за јазици кој го донесе оваа власт може да се оквалификува како ШОВИНИЗАМ!

И тоа од устата на заменик претседател на Влада!

Г-дине Османи, личните навреди и дискредитации ја покажуваат целата ваша нервоза за и околу неуставниот и неделовнички донесен закон.

Вашата нервоза нема да ја избрише фуснотата со која на криминален и шверцерски начин го објавивте законот во Службен весник, реагира професорката.

Каракамишева додава дека тоа кривично дело нема да се заборави „како и сите други кои ви висат како Дамоклов меч над главата“.

Нервозата и личната нетрпеливост која ја покажувате кон мене ви расте правопропорционално со мојата искажана вистина дека законот е кукавичко јајце кое го подметнувате да го разнишате унитарниот карактер на државата.

Нервозата е ваше лично чувство кое нема да можете да го скротите и со уште стотина упатени јавни напади против мене затоа што потајно сте свесни дека буткате лошо законско решение.

Можеби ќе успеете да ги средите вашите расеани мислења и чувства кога ќе се видиме на суд!

А до тогаш поработете на својата лична култура.

Многу ви недостасува!, завршува таа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.