Потпретседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров во Брисел се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји,  при што разговарале за следните чекори на европскиот пат на земјава, вклучувајќи го усвојувањето на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

Како што се наведува во владиното соопштение, Димитров се заблагодарил на тимот на еврокомесарот Вархеји за вложените напори од страна на Европската комисија во светло на отпочнување на преговорите со Унијата, како и за економската помош што Македонија ја добива во контекст на сузбивање на последиците од пандемијата.

Двајцата соговорници го потенцирале значењето на периодот што следи, кој го оцениле како суштински за европската иднина на Македонија.

Подготврноста, визијата и посветеноста на нашиот тим за реализирање на овој стратешки национален интерес ја потврдува потребата за следниот историски чекор на нашата европска агенда – отпочнување на пристапниот процес – нагласил Димитров.

Комесарот Вархеји информирал за напредокот во финализирањето на Економската програма за развој и инвестиции во земјите од регионот на Западен Балкан, што веќе за време на мандатот на оваа Комисија се очекува да испорача опипливи резултатати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.