Многу „зошто“, а малку одговори и натаму го обвиваат предметот „Рекет“ кој го раздрма правосудниот систем на Македонија. Катарзата можеби ќе започне со притворањето на Катица Јанева која е додадена на листата на осомничени од страна на ОЈО. Многу трагикомични ситуации ни го окупираа вниманието и ни ја зголемија грижата дали правната држава може да продолжи да се гради врз основа на „хероини и месии“ кои треба да и го зададат клучниот удар на политичката мафија. Со професорката Билјана Ванковска анализираме дали оваа акција е конкретна или пак политички театар за да се задоволи „гладната глутница“ за правда. Како ќе се излезе од правосудниот ќор сокак, и како сега ќе влијаат политичките партии.

Ф: Како ретко кога, обвинител се најде во притвор, и тоа шефот на СЈО, институцијата која ја доби целосната доверба да се бори организираниот криминал и висока корупција. Јавноста беше нестрплива за конкретна акција на истражните органи, дали ова е доволно и како очекувате да се расчисти случајот „Рекет“?

БВ: Владејачката елита и нејзиниот пи-ар се обидува поразот да го прикаже како успех, односно фигуративно кажано од Катица Јанева да направи она што апсењето на Иво Санадер беше во Хрватска, а во контекст на евроинтеграциите. Да бидеме искрени, да не беа дојавите од еден новинар, сето ова ќе останеше непроцесуирано. А и кога почна да се отплеткува клопчето (под притисок на вистината која полна да се наѕира), сето тоа беше неубедливо.

Држење прес-конференција за приведување на двајца маргиналци како првоосомничените беше некако претерано, зошто секој разумен можеше да процени дека за афера од вакви размери морала да се одвива со знаење, ако не со помош, на повисоки центри на моќ. Всушност, тоа е суштината на секоја дефиницијата на организиран криминал и висока корупција. За пример, ќе ви посочам само една: „организираниот криминал опфаќа криминални дејствија заради материјална корист од страна на групи кои се ангажираат во насилни акти, корумпирање на високи јавни службеници, вклучувајќи ги и тие кои се дел од правосудството, пенетрирање во легитимната економија (преку рекетирање и „перење пари“) и влијание врз политичките процеси“ (Едгардо Бускалиа).

Затоа, јавноста во моментов има помешани чувства: на збунетост зошто, ако за овој случај знаел премиерот и наводно прв го пријавил случајот, истрагата веднаш не се фокусираше на оние кои биле „мозокот“ на операцијата? Ако тоа (по некоја случајност) била Јанева, зошто по притворањето на двајцата првоосомничени, таа беше оставена на слобода со можност од многу висока позиција да влијае на сведоци и на доказен материјал (за што постоеја повеќе индиции)? Зошто годишни одмори кога ви се урива не само значаен дел на правосудниот систем, туку и она што требаше да биде морална вертикала? Многу „зошто“ имаше и многу недоумици останаа…

Лично, не сум изненадена, иако голем дел од јавноста падот на Чарлиевите ангели го доживува како антиклимакс на сите очекувања дека конечно ќе завладее правна држава. На моменти, ова наликува на евтина турска/шпанска серија во која до последниот миг се случуваат најневеројатни пресврти, но работата е сериозна, иако е смешна. Велам не сум изненадена бидејќи од самиот почеток имаше три нешта што ме правеа скептик: прво, СЈО е институција надвор и над уставниот и јавнообвинителскиот систем, со други зборови е институција наметната од политичка волја, без водење на сметка за уставно-правните принципи, посебно на системот на кочници, отчетност и одговорност. Жално е што Уставниот суд до денес не најде сила да го отвори тој предмет. Второ, законот со кој се воспостави СЈО не само што од почеток беше полн со недоследности, па и небулози, туку им даде право да одлучуваат на политичките партии (!?) – непојмлива работа во правна држава! Но, Пржинскиот договор решаваше политичка криза со неправни средства. Категорија „четири партии“ не може и не смее да има доколку воопшто се претендира на држава (дури и ако не е правна)!

И сега сме во ќор-сокак, ни на небо ни на земја со бизарниот статус на Јанева, која е олицетворение на инокосна институција, а не шефица на редовно обвинителство. Конечно, третата работа која ми ја зацврсти недовербата беше изборот на личноста која застана на чело на СЈО. Ристоска и Фетаи донекаде го ублажуваа поразителниот јавен профил на Јанева, ама од нивните прес-конференции кои се претворија во театар се виде дека институцијата оди на тоа да ѝ се допадне на јавноста (небаре на избори ќе одеа, па да добијат доверба кај мнозинството!). Сите оние силни испитувања на јавното мислење покажуваа дека медиумските методи и естрадизацијата на СЈО, дури и како симбол на протесно движење, водат кон институција која повеќе ќе се потпира на популарноста одошто на ригоризните правни процедури и резултати. Убедена бев, а сега уште повеќе, дека изборот на Јанева беше неслучаен: сите заинтересирани, а самите инволвирани на еден или друг начин, посакуваа слаба и некомпетентна личност, со тенко познавање на сложените правни механизми, но со паланечка амбиција. И го добивме тоа што беше лесно да се погоди дека ќе се случи.

повеќе на Фактор.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.