Се вратив од протестниот собир, не само смрзната поради надворешните температури, туку уште повеќе поради студот во душава. Иако знаев дека нема да биде кој знае колку масовен протестот, си реков: излегувам заради себе, заради својата совест! Но, повеќе имаше полиција (веројатно во соодносoт 2 полицајци на еден граѓанин) отколку граѓани. Практично, се видовме истите луѓе (меѓу нив барем десетина колеги-професори, кои јас ги знам).

Најмногу ме трогна мајката на колегата Константин Миноски, пензионирана наставничка по македонски јазик која цела растреперена зборуваше за тоа со колку љубов подигнувала генерации, со колку посветеност го градела јазичкиот и културниот идентитет на минатите генерации. Се чудеше и таа натажена зошто ги нема тие нејзини бивши ученици. Искрено, срцето тука ми се скрши (иако мислев дека одам спокојна, т.е. без очекувања и свесна дека работата е КАПУТТ, Game Over). Се расплакав, но не се доплакав. Се вратив дома со намера да се исплачам во тишината на домот, да си ја исплачам Македонија, која очигледно не ја заслужуваме. Некој (мислам  Александар Русјаков, ако не се лажам) праша: кој денес повеќе заслужува држава: Македонците или Курдите? Одговорот сам се наметна: оние кои гинат за своето право на држава и идентитет!

И пред да одам да се исплачам, морам да споделам уште една асоцијација. Денешниот ден ме потсетува по многу нешта на еден голем собир од времето на Пленумите. Беше можеби и постудено од денес, снег имаше барем 20-тина сантиметри, бевме многу повеќе луѓе собрани од денес (да не зборувам за медиумите кои не’ покриваа). Постојат снимки: јас дадов изјава за повеќе медиуми, колегите Гордана Силјановска, Никос Чаусидис и уште неколкумина одржаа прекрасни говори со мегафон (и за нив постојат снимки). Солза Грчева беше пратеничка, и однатре ни даваше поддршка на барањето да учествуваме во работата на парламентарната комисија за образование во врска со Законот за високо образование. Не’ помножија со нула, и си го истераа она што го беа наумиле.

Така смрзнати седнавме на чај – и бевме преполна маса луѓе. Ќе се препознаат, да не ги тагнувам. Денес, на чај отидовме јас, Богдан и колегата Ило Трајковски. Пред собранието бевме оние исти „професори-националисти“ како и изминатите месеци (Боте Алексовска, Жидас Даскаловски, Богдан Богданов, Константин Миноски, Снежана Филипова, Јане Богданов и уште неколкумина, меѓу кои Солза Грчева, но и некои кои заборавам да ги допишам). Прашањето ми е: каде исчезна таа интелектуална сила и енергија од 2014? Зарем протестираа(т) само кога се лично (професионално) засегнати? Сега веројатно се бават со висока наука (без импакт фактор за кој се изборија), а нам на небањатите ни го препуштија студот. За волја на вистината некои од нив се на позиции, некои си имаат грантови, некои имаат попаметна работа – или можеби им се чини дека е ова лика и прилика на демократска и правна држава?

Седницата, како што знаете, е одложена за 16 часот. Не видов на вести, ама некако имам чувство дека причина е гозбата којашто традиционално ја подготвува Годсподин Господин Стефан за неговиот именден. Додека ние мрзневме тие се гоштеваа, а највидливи беа ОТСУТНИТЕ! Ме тераа да се обратам од импровизираната говорница. Реков: кому да му се обратам? На оние кои требаше да се тука први? На отсутните лидери на партии? Јас ли ќе бидам еманација на опозиција и отпор – додека клучните играчи доаѓаат како на гости или одат во (простете на израз, цитирам еден граѓанин кој ми рече дека е Вмровец) Свирипичино тогаш кога треба да се пред парламентот?

Иронијата на Св. Стефан е што тој се смета за заштитник на старите, болните и сиромашните. А Македонија, или она што остана од неа, е остарена, болна и сиромашна – што не е причина богатите да се гоштеваат над нејзината претсмртна постела.

Толку! Отидов да се исплачам. (Првпат Македонија ја исплакав вечерта на референдумот во 2004 година, сега ќе ја исплачам за последно.)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.