Ги гледам тажните остатоци од „Глобал“ во Струмица, и не можам а да не помислам дека има тука некаква бизарна симболика, вели професорката Билјана Ванковска, опишувајќи го како објект со претенциозно име, изграден на климави и коруптивни основи, во една мала Недојдија која ја предводи токму оној што му кумуваше на „глобализмот“ во локална верзија.

Во брзање да се изгради нешто што навидум е велелепно, со светкви стакла, и во желбата да се профитира по секоја цена и на секој начин, поставена е зградата која го красеше градот и му даваше привид на велеград (од глобалното село). Внатре сум била само еднаш и ме погоди силниот контраст на она што однадвор се навестуваше, со она што го видов на тезгите внатре. Токму контрастот на (навидум) глобален Центар (макар и трговски) и внатрешната сиромаштија на (европската) периферија.
И сега настрана причините за несреќата, но се разоткрива сјајот и бедата на куртизаните, да го парафразирам Балзак. Неодамна разбравме дека Струмица немаше амбулатни возила, сега дознавме дека градот има и прастари пожарникарски возила. Објектот бил изграден без основната безбедносна инфраструктура за вакви непогоди. Одеците од други страни потврдуваат дека не е единствен… Каква среќа било тоа што пожарот избувнал доцна во ноќта! (На денот кога Заев парадираше во близина со својата моќ.)
И така, Глобал ви е сликата на Македонија денес 🙁 А вие ако сакате, радувајте се, ако сакате тагувајте, ама можеби некој и ќе ја прими целата приказна и нејзиното наравоучение за земја во која никој не е одговорен за ништо, пишува Ванковска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.