На само час пред почетокот на граѓанскиот протест против уставницте измени, кои денеска се гласаат во Собрание, професорката Билјана Ванковска ја искористи можноста уште еднаш да повика на присуство. Таа потсети дека овде не се работи само за името и дека сегашната власт не работи за доброто на Македонија, туку ја распродава ЦЕЛА.

Колега од земја која е северно од нас, утрово ме прашува: како е на Северот? Се разбира, горчлива шега е во прашање, ама покрај иронијата, снегот што вистински почна да паѓа, ни претстои Зимата како во Играта на троновите. Таму, во сагата, сите ривали се здружуваат и ги употребуваат сите средства за одбрана од Лошите. А кај нас? Како е кај нас?

Сите оние скопјани, мои познаници, што денес нема да најдат ни време ни мотив да излезат да изразат протест ќе ги бришам засекогаш од листата на лица за почит. Имавте цела година за да видите што значи неморал, некомпетентност, корумпираност, полициска бруталност, недостоинство, нечесност, и што ли уште не… Одамна реков: ова не е само за името! Ако ова им минува, утре и тенкови на улица ќе ви извадат и на клоци од работа ќе ве бркаат и сè што имаме ќе распродадат. Овие не работат за доброто на Македонија, овие ја распродаваат ТОПТАН! FINAL SALE! Нивните банкарски сметки се полни, паричката им паѓа во погачата за бизнисот (што дури и атеист го гледа како богохулење, бидејќи Исус не е симбол на богатите и фарисеите), а и куферите им се спремни ако затреба. Имаат имоти на Југот, не им треба Северот.

Мајка ми (87) ме моли да ја земам со мене на протест. Ѝ велам доволно сум јас стара за да ги претставувам повозрасните. Оние што треба да излезат се оние на кои допрва им претстои живот (или имитација на живот) во Северна.

Оној што прифаќа и се помирува со ваква уставно-правна и морална лакрдија за името и идентитетот не е ниту доблесен и чесен човек, ниту заслужува да се нарече граѓанин во вистинска смисла на зборот. Тој е само кетман и беден конформист што ќе прифати се’.

П.С. Стасува покана од ректоратот на УКИМ за научна трибина за Науката во Македонија и регионот. И не знам зошто ми доаѓа да се смеам со солзи!? Ако некој се сроза и одработи (и со молк и нечинење) на штета на Македонија, тоа се тие од науката. Селото гори, баба се чешла. да не мислат дека ми е до наука во вакво време? Иако за волја на вистината јас успеав да напишам сериозен труд за Преспанскиот договор кој ќе биде објавен во странство оваа година. Но, тоа најмалку го направив заради промоцијата на науката или за мојата кариера. Го направив за Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.