Недопуштиво е од позиција на министер на правда да се коментираат, а уште помалку да се критикуваат определени судски одлуки, реагира поранешниот претседател на Врховниот суд, коментирајќи го настапот на министерот за правда Бојан Маричиќ и неговата прозивка на апелациските судии, кои одлучуваа за понудените гаранции од страна на Сашо Мијалков.
Имајќи предвид дека се работи за министер за правда, недопуштиво е од таа позиција да се коментираат, а уште помалку да се критикуваат определени судски одлуки. Уште помалку тоа би смеело да се однесува на конкретни судии, објавени со име и со презиме, вели Вангеловски во интервју за „Плусинфо“.
- Дали неговата прозивка на судскиот совет да ја испита работата на судиите не претставува закана кон тие што одлучувале, но и порака до сите судии кои би носеле одлуки што не се по волја на министерот ? Колку може тој да ги реализира заканите, со оглед на фактот дека е член на Судскиот совет, но без право на глас?
Прашањето дали станува збор за закана не е потребно да се коментира, со оглед дека јавно кажаното мислење, според тоналитетот на изјавата, секој може лесно да го протолкува. Бидејќи во вториот дел од вашето прашање експлицитно е употребен зборот закана, очигледно е дека изјавата на министерот така е сфатена и од вас.
Во однос на тоа какво би било влијанието на министерот при одлучувањето на судскиот совет, мислам дека лесно ќе го извлечете заклучокот ако се има предвид начинот на одлучување во Судскиот совет. Министерот, како што кажавте, нема право на глас. Гласањето во Судскиот совет е анонимно, со електронски систем. Но, сега ја имаме состојбата министерот јавно да го соопштува своето мислење, односно соопштува како би гласал кога би имал право на глас.
- Дали има двојни аршини во реакцијата на Маричиќ, со оглед на фактот што не реагираше на овој начин кога на неговиот колега Рашковски му беа прифатени гаранциите за да излезе од притвор ? Исто така, Маричиќ го премолче и излегувањето на Зоран Милески Кицевскиот. Зошто прифакањето на гаранцијата за Рашковски не би била уривање на угледот на судството, а прифакање на гаранцијата за кој било друг би било уривање на угледот?
Не би можел да коментирам како реагирал министерот во други случаи на донесени судски одлуки за притворски предмети. Ова пред се затоа што информациите за коментирање на такви судски одлуки ми се достапни само од медиумите кои ги следам. Но, со оглед на тоа дека вие, како медиум, тврдите дека во тие два случаја не реагирал, таквото однесување на министерот би било за поздравување. Тоа се судски одлуки, за кои министерот нема надлежност на оценување.
Не ми е познато дали во предметот против господинот Рашковски била прифатена гаранција, или се работи за куќен притвор, но околноста дека тој не се дал во бегство, исто како и многумина други обвинети на кои притворот им е заменет со поблага мерка за обезбедување, укажува на потребата мерката притвор многу порестриктивно да се применува во праксата.
Целото интервју на Плусинфо
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.