Првите вакцини против ковид-19 од производителот „Фајзер“ во Македонија може да се очекуваат во втората половина на 2021 година, рече денеска Венко Филипче, министер за здравство, кој на прес-конфренција информираше и за договорот со Бугарија, при што од секоја количина на вакцини што ќе ја добива земјата, одреден дел ќе добива и Македонија.

Во однос на договорите со фирмите кои прават вакцини против ковид-19, Фајзер и АстраЗенека, министерот Филипче изјави дека иницијалните одговори биле дека директна количина на вакцини од Фајзер ќе се добие во втора половина на 2021 година, бидејќи Македонија е мал пазар, додека конечен одговор од АстраЗенека се уште нема.

Утрово бев во посета на соседна Бугарија. Присуствував на владината седница на покана на премиерот Борисов и министерот за здравство Анѓелов. Интензивно разговаравме изминатите неколку недели, имаме добри вести, а тоа е дека Бугарија како донација ќе одели слободна количина на вакцини од секоја количина која таа ќе почне да ја добива во следниот период, рече Филипче.

Покрај Бугарија што на овој начин даде поддршка, како најава за донација имаме и од Грција и од Полска.

Бугарската влада има нарачано сосема доволна количина на вакцини и во таа смисла ќе се задоволат потребите и на нивните граѓани и ќе одделат одредена количина и за нас, рече Филипче.

Филипче рече и дека нема недостиг на клексанот кој се користи како антикоагулантна терапија, иако е зголемена потрошувачката за него.

Одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во Министерството за здравство, Филипче рече дека потрошувачката на клексан не е зголемена само кај нас, туку насекаде и оти се набавени доволно количини кои се дистрибуирани до сите болнички установи.

Зголемена е потрошувачката на клексан насекаде. Така и кај нас, компанијата резервираше поголеми количини и тие се дистрибурани до сите болнички установи. Во меѓувреме, онаму каде што требаше, се даваше друга форма на хепарин. Така што криза во смила на недостаток нема, туку зголемена потрошувачка, истакна Филипче.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.