На вакциналните пунктови во Македонија, заклучно со вчера, вкупно се вакцинирани 241.368 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 362.710 дози вакцини, а по две дози од вакцините добиле 121.342 граѓани. Според Министерството за здравство, со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години и 41 отсто од населението над 65 години имаат примено барем една доза вакцина.
Од вчера почна и вакцинацијата на сите хронично болни пациенти и со ризик од Ковид-19, на возраст од 20 до 40 години, кои се пријавиле за вакцинација до 30 април 2021. Заклучно со утре треба да се вакцинираат лицата во ризик во кои се опфатени повеќе од 40 дијагнози или повеќе од 10 групи на дијагнози кои беа одредени како ризични од страна на Универзитетските клиники и граѓанските здруженија, како кардиоваскулаторни, респираторни, бубрежни, ендокринолошки, малигни, невролошки и останати заболувања и состојби.
Како што најави министерот за здравство Венко Филипче, во следните седум дена треба да стигне пратка со 500 илјади вакцини од „Синовак“.
Тој рече очекува забрзување на процесот на вакцинација кога ќе стигнат и вакцините од „Синовак“ и додаде дека кога ќе се исцрпат сите граѓани од списокот на пријавени веројатно пунктовите за вакцинација ќе работат и без закажување.
Помош во вакцини за земјава најавија Грција и Бугарија, а според Филипче, може да очекуваме 70.000 дози од вакцините, од кои 50.000 од Бугарија и 20.000 од Грција.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и сомнителни за корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 141 од кои 58 во Скопје.
Вчера се регистрирани 12 нови случаи на Ковид-19 од направени 2.456 тестирања, а починале шест лица на возраст од 52 до 83 години од кои две во домашни, а четири во болнички услови.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.364, бројката на оздравени пациенти е 148.872, на починати е 5.435, а бројот на активни случаи изнесува 1.057.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.