Најмалку 11 лица вработени во истражниот затвор „Скопје“ ќе одговараат за направени пропусти, кои довеле до двата одвоени инциденти со поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, на кои судот им одреди притвор.

Одговорност ќе се бара од вработени во чуварската служба, но и од раководни структури во затворот кои направиле низа пропусти во работењето.

Детален извештај е изготвен од страна на истражниот затвор „Скопје“ и е испратен до Управата за извршување санкции во Министерството за правда. Од таму денеска се очекуваат не само препораки, туку е можно и да се прошири листата на одгoворни лица, против кои ќе бидат покренати дициплински постапки.

Според она што е наведено во извештајот, првично биле детектирани пропусти во протоколите за постапување, како и непостапувањето по протоколот за изведување на притворените лица надвор од собите. Во извештајот се наведува и дека до нарушена безбедност довело тоа што не бил извршен рачен претрес на просториите, што им овозможило на притворениците во ќелиите да чуваат цел ,,арсенал” предмети кои не се дозволени, како телефонски апарати, но и други предмети со кои можат да се нанесат физички повреди.

По инцидентите во затворот во Шутка, кога беа нападнати поранешните министри Јанакиески и Ристовски, оставка поднесе досегашниот директор на Истражниот затвор, Ѓоко Котески.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.