Шефот на Ковид-центарот во Тетово, д-р Гзим Нуредини, за „Фактор“ вели дека иако за момент помислиле дека ситуацијата барем за нијанса е подобра, сепак, мора да констатира дека се уште нема никаква промена во однос на болничките прегледи, но и на смртноста и дневните амбулантски прегледи.

Д-р Нуредини нагласува дека до утринава повторно има многу приеми, а информира и за пет починати пациенти, меѓу кои и млада жена.

Во последното деноноќие имаме 16 нови пациенти поради компликации на корона вирусот. Сега во тетовскиот ковид-центар се лекуваат вкупно 124 пациенти. За жал, од вчера наутро до денеска утринава имаме пет починати пациенти, меѓу кои и млада, 39-годишна жена. Кај неа има историја на ендокринолошка состојба, станува збор за тироидната жлезда, но мора да потенцирам дека нејзината претходна здравствена состојба е целосно контролирана и без никакви проблеми. Донесена е со сатурација 45, во исклучително тешка состојба и за жал по неколкудневно лекување во болницата, таа почина. И последните петмина починати се невакцинирани пациенти – вели д-р Ниредини.

Истовремено, д-р Нуредини нагласува дека не стивнуваат ниту амбулантските прегледи. За еден ден се прегледани дури 175 луѓе, додека има многу малку исписи од болницата. Во последните 24 часа, оздравеле само 13 пациенти кои се пуштени дома.

Сигурен сум дека никој ништо не слуша, не чита, не гледа телевизија, јасно ми е тоа, бидејќи да беше поинаку, можеби ќе имавме подобра ситуација. Но, она што го констатираме секој ден, ние лекарите од Тетово, нам секој ден ни „умира по едно комбе“, кое има капацитет од 5 до 10 луѓе. Тоа е премногу. Сите починати се невакцинирани против болеста. Паролата што во моментов ја смислив, еве додека разговарам со вас е: „Невакцинирањето е злобно, тој што не се вакцинира, освен себе, убива и други луѓе“. Навистина не знам веќе дали воопшто има начин луѓето да разберат колку е сериозна и алармантна состојбата ако некој невакциниран се зарази со корона вирусот и настанат компликации – посочува д-р Нуредини.

Тој потенцира дека од сите хоспитализирани во Ковид-центарот во Тетово, повеќе од 90 проценти се невакцинирани луѓе, останатите се со само една примена доза, додека, како што вели, најмал е бројот на хоспитализирани пациенти кои ги примиле двете дози од вакцината против Ковид-19.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.