Претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов вечерва во гостување во дневникот на телевизија Сител посочи дека утрешниот протест е семакедонски протест во кој земаат учество сите граѓани на Република Македонија.

-СДСМ навистина стана несериозна партија. Никола Груевски веќе две – три години е во Унгарија јас како што знам. Ова е семакедонски протест. Утре ќе биде еден од најмасовните протести што се случиле во Македонија. Тоа не може еден човек да го организира, ниту пак може Никола Груевски од Будимпешта тоа да го организира, нагласи Пандов.

Пандов додаде дека целото владеење на СДСМ се заснова само на Никола Груевски, тие дојдоа на власт со црна кампања против него и до ден денеска само тоа го говорат, наместо да направат нешто добро за граѓаните, да го подобрат животот како што ветуваа пред избори.

-Секој еден чесен Македонец, секој еден што посакува добро на Македонија чувствува неправда што луѓето се внатре. За да започне било каква правда во Македонија според мене прво нешто што треба да се направи е овие луѓе да се ослободат, појасни Пандов.

Пандов посочи дека целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на утрешниот семакедонски протест.

-Во Македонија нема право и правдина, целата пресуда на осудените за 27 април се заснова само на еден сведок кој 5-6 пати даде различни изјави, а после втората изјава веќе не требаше да се земе како релевантен сведок. Тие луѓе никако не се терористи, осудени се врз основа на лажно сведоштво. Тие не бараат милостина, не бараат амнестија, туку фер и правично судење. Утре на протестот ќе се прочита Декларација со која ќе се побара правично судење за уставобранителите да може да се изборат за правда, истакна Пандов.

Пандов потенцираше дека дури и во најтоталитарните режими барем со двајца сведоци ги осудувале луѓето, а тука само со еден кој постојано менува изјави.

Во однос на организацијата на протестот, тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ, единствено дава поддршка, додека органзиацијата е целата дијаспора, која е против Заев, кој неправедни ги осуди уставобранителите за тероризам.

-ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка на протестот, со повик до членството. Во самата организација на протестот, ВМРО-ДПМНЕ нема улога, а нема ни друга политичка партија. Но, ние како ВМРО-ДПМНЕ претходно имавме протести со барање за ослободување на уставобранителите, каде се обраќаа и членови на потесното семејство на затворените, имавме протест и пред затворот во Штип протест. И нема да се откажеме додека овие луѓе не добијат правда и правдина, нагласи Пандов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.