Утре почнува кампањата за локалните избори закажани за 17 октомври. За градоначалници се натпреваруваат 301 кандидат додека за општински советници над 10.600 кандидати. Градот Скопје има најмногу кандидати за градоначалник – 12, додека Струга и Долнени имаат по осум кандидати.
Од вкупниот број, 24 се независни. Од кандидатите за градоначалници, само 25 се жени. Жестока трка во македонскиот политички блок ќе биде за Град Скопје помеѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Битка помеѓу социјалдемократите и десницата ќе биде и во Бутел, Аеродром, Центар и големите градови како Битола, Куманово, Велес, Охрид и Прилеп.
Во албанскиот политички блок, најжешкиот натпревар се очекува во Тетово помеѓу ДУИ и опозициската Алијанса за Албанците – Алтернатива. Иста слика се очекува во Чаир, Гостивар и Струга.
Право на глас имаат 1.824.864 граѓани. За првпат во Македонија гласањето ќе се врши со отпечаток од прст или со уреди што ги откриваат папиларните линии на гласачите. Овие избори, исто така, ќе бидат организирани со мерки против ковид 19, со што ќе станат трети последователни избори организирани во такви услови по локалните избори во Штип и Пласница поради оставките на градоначалниците и парламентарните избори во јули лани. Кампањата завршува на 15 октомври, по што следува изборен молк и денот на гласање. Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 31 октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.