За утре во 15 часот е закажано продолжението на преговорите меѓу политичките партии за новиот закон за јавното обвинителство, преку кој треба да се реши идниот статус на СЈО, најавија од Министерството за правда.

 

Во пресрет на оваа четврта рунда разговори, поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев оценува дека разликите во ставовите на опозицијата и власта се загрижувачки.

Според Илиев несфатливо е во идните постапки да не може да се употребуваат како докази прислушуваните разговори.

„Тогаш во сегашните постапки ќе постои правилото на поблаго, односно ретроактивно важење на новиот закон, ако тој забрани употреба на прислушуваните разговори, така да ако тие не може да бидат докази во следните постапки, тие не може да бидат докази и во досегашните постапки. Од тука ќе дојде и до коалиција која ќе доведе само до збрка до хаос и до неможност да се завршат постапките.“ вели Дане Илиев.

Поранешниот претседател на врховен вели дека проблемот со високиот криминал и корупција нема да се реши само со постоење на СЈО, туку преговорите треба да продолжат и во насока на формирање на специјален суд за судење на тој криминал.

„Се гледа од месечина дека е политички мотивирано, да се најде начин како не би се одговарало. Целта на сето ова е да се избегне кривична одговорност на сегашни и идни, како и од опозиција така и од позиција, сакале од оваа власт, или сакале од претходната и нефункционирањето на правната држава. Без функционална правна држава нема да појдеме никаде ни во ЕУ ни во пошироките организации на светот.” вели Дане Илиев.

По трите неуспешни преговори, викендов министерката за правда Дескоска рече дека оптимизмот за договор е мал, со оглед на дијаметрално различните позиции за статусот на СЈО и бомбите.

Носењето на законот за јавното обвинителство е една од клучните точки за почеток на преговорите со Европската унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.