Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) денеска беа во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Средбата следува по вчерашната лидерска средба во вила „Водно“ на која се разговараше за одржувањето на предвремените избори.

Претседателот ги запозна членовите на ДИК со ставовите на претседателите на политичките партии и консензуално усвоениот став дека е потребно ДИК да достави мислење за временските рокови потребни за спроведување на изборниот процес. На средбата беше договорено ДИК, во текот на утрешниот ден да го достави своето мислење до кабинетот на претседателот, соопштија од претседателската вила.

На вчерашната лидерска средба беше договорено пред да се одреди датум за избори да се добие мислење од ДИК за потребното време за организирање на изборниот процес, како и од ОБСЕ/ОДИХР за тоа кога и колку набљудувачи може да испратат, но и процена од Комисијата за заразни болести за кој период е поволен за избори со оглед на епидемијата со коронавирусот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.