Уставниот суд на денешната седница донесе времена мерка за запирање на сите активности со уривањето на дивите плажи на охридското крајбрежје, а поведе и постапка за оцена на уставноста на владината Уредба со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, но не на целата уредба, туку само во делот на дополнувањето, кое се однесува на плажите под закуп во Охрид и во Струга.

Забраната за уривање на плажите-дивоградби ќе трае до денот кога Уставниот суд ќе донесе одлука за поведената постапка.

Според владината уредба која се стопира, земјиштето за плажа кое било предмет на краткорочен закуп, а договорот за закуп е истечен или предвремено раскинат, потребно е да се врати во првобитната состојба од страна на закупецот. Се забранува понатамошно вршење на дејност од страна на закупецот.

Уривањето и расчистувањето требаше да го спроведуваат Државниот пазарен инспекторат и УЈП. На 22 јуни, Општина Охрид почна со градежни работи за уредување на крајбрежјето на Езерото каде што беа урнати шанкови, платформи и монтажни објекти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.