Тендер тежок половина милион евра добила форма основана еден месец пред да се јави на тендерот.

Пратеникот Бране Петрушевски на прес-конференција денеска најави нов скандал на власта, овој пат во Управата за водење на матични книги на чело со Бујар Дардишта од ДУИ.

Според податоците кои ги објави „Фокус“, Управата за матични книги во март годинава склучила договор за дигитализација на матичните книги во висина од 480.000 евра со фирмата „Новатек Инв“. Сомнеж фрлаат две работи, прво фирмата е формирана само месец дена пред да се јави на тендерот, и второ сумата на договорот во целост се поклопува со проценетата цена на договорот, а која не била објавена во повикот. Ако се навлезе подлабоко, сомнежите стануваат уште посилни. Фирмата е нова, но има работници со големо работно искуство, вели Петрушевски.

Управата за матични книги во тендерската документација пропишала минимални услови за учество на огласот. За разлика од голем број други тендери од овој калибар, Управата не пропишала услов за минимален праг на приходи во период од една, две или три години, со цел да се види финансиската стабилност на фирмата. Не се барале ниту референци како број на сработени проекти и реализирани договори. Но за разлика од условите кои се однесуваат на фирмата, Управата пропишала услови, кои упатуваат на економскиот оператор, како аналитичар, програмер, администратор, рече тој.

Значи имаме услови за работниците, но не и за фирмата. Се фрла сомнеж дека однапред е планирано фирма без портфолио да го добие овој тендер. Имено „Новатек Инв“ е формирана на 11-ти декември 2020 година, односно само три месеци пред да го добие тендерот. Но затоа нејзиниот основач Љирим Фетаи, претходно работел во реномираната „ИТД Дистрибуција“. „ИТД Дистрибуција“ е капитално поврзана со „Инфософт Системс“, која добила од Управата за матични книги исто така тендер, еден ден по склучениот договор помеѓу Управата и „Новатек Инв“ и тоа во висина од 434.000 евра, исплатени на таа фирма за набавка на хардвер. Исто како и во случајот со „Новатек Инв“ и овде имало само еден понудувач, рече Петрушевски и најави дека ВМРО-ДПМНЕ утре ќе излезе со податоци кои фрлаат уште поголем сомнеж за злоупотреба на народни пари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.