Вчера попладне 68-годишна жена од село Виничани, која била примена претходниот ден во тешка состојба со ниска сатурација, починала во велешката болница, а поради компликации од ковид-19 утринава починал и маж од Велес на истата возраст.

Починатата жена на 68 години од Виничани е примена претходниот ден во тешка состојба со ниска сатурација, а мажот од Велес исто на 68 години е примен пред три дена, со нагло влошена состојба, рече др. Весна Николовска Неделкова, портпарол на Општа болница Велес.

Во текот на вчерашниот ден во болницата е примена и транспортирана до клиниката „Жан Митрев“ жена на 62-годишна возраст, потврдена позитивна, која имала отежнато дишење и ниска сатурација.

Во велешката болница во моментов се хоспитализирани вкупно 65 пациенти, од кои 11 се сместени на одделението за физикална медицина. Од нив пет се сомнителни на коронавирус, а останатите се со потврден позитивен тест. 20 пациенти имаат потешки симптоми и се на кислородна поддршка.

На интерно одделение се хоспитализирани двајца пациенти сомнителни на ковид-19. Во истиот период тројца пациенти се испишани од болница со еден негативен тест и се третираат како оздравени.

Во моментов во Велес има 678 активни случаи на ковид-19. Од почетокот на пандемијата се заразија 1.188 велешани, а вирусот го прележаа 472 пациенти. Со новите двајца починати, од почетокот на пандемијата до денеска во Велес битката со коронавирусот ја загубија 40 велешани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.