Опрема за лична заштита, вредна 340.000 долари, во која има над 260.000 хируршки маски за една употреба и околу 209.000 висококвалитетни калјачи, донираше УНИЦЕФ во институциите од областа на здравствената грижа, образованието и детската заштита во Македонија.

Донацијата е обезбедена од Глобалното седиште на УНИЦЕФ за снабдување и логистика.

Мора да продолжиме да се фокусираме на заштита на оние кои се во првите борбени редови, бидејќи токму тие се грижат за сите нас и целосно ги посветија своето време и енергија за да спaсуваат животи, да го чуваат нашето здравје, да ги задржат нашите деца во училиште и да овозможат нашето општество да продолжи да функционира. Ја заслужуваат наша целосна поддршка и благодарност. Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на сите наши партнери, како што е УНИЦЕФ, кои ни помогнаа да ја обезбедиме оваа дополнителна поддршка, и очекувам оваа соработка да продолжи и во иднина, изјави министер за здравство Венко Филипче.

Донацијата за Министерството за здравство главно ќе се употреби како дополнување на залихите што им се на располагање на институциите за здравствена грижа во целата земја, а дел од донацијата ќе им биде на располагање и на образовните установи и на установите за заштита на децата.

Со пандемијата на коронавирусот живееме повеќе од 18 месеци и научивме дека КОВИД-19 не е само здравствена криза, туку и криза на информирање и криза на правичност, која имаше социо-економски последици по семејствата и децата. Овозможувањето пристап до суштинските услуги во здравството, образованието и детската заштита мора и понатаму да биде приоритет за да се намали ризикот пандемијата да остави трајни последици по животите на децата. Донацијата е дополнување на постоечките количини за работниците во првите борбени редови да можат да продолжат да им ја обезбедуваат најквалитетната нега на семејствата и децата, рече претставничка на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани.

Од почетокот на пандемијата УНИЦЕФ го поддржува Министерството за здравство во справувањето со КОВИД со цел да ги амортизира ефектитеврз децата и семејствата. Освен што го поддржува зајакнувањето на здравствениот систем, во рамки на редовната соработка со Министерството за здравство, УНИЦЕФ има донирано респиратори за здравствените установи во вредност од над 215.000 долари и дополнителни количини опрема за лична заштита и КОВИД-тестови.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.