Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за труд и социјална политика и локалните самоуправи и со поддршка на Европската Унија, почна активности во рамките на регионалниот проектот „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективна социоекономска интеграција на повратниците во Западен Балкан“.

Проектните активности ќе се реализираат во текот на три и пол години со цел поддршка на ефикасна реинтенграција на повратниците од земјите на ЕУ со посебен фокус на Ромите. Истовремено, ќе се работи и на подобрување на капацитетите на институциите на локално и централно ниво од земјите од Западен Балкан како поефикасно да одговорат на потребите на оваа ранлива категорија.

Активностите во нашата земја ќе се одвиваат во три пилот-општини, Прилеп, Штип и Шуто Оризари, кои се избрани според наодите и критериумите презентирани во анализите на домашни експерти, базирани, главно, на процент на Роми и број на повратници кои живеат во општините, проценка на капацитетите на општините и невладиниот сектор и економските потенцијали за вработување на локално ниво.

Потребен ни е системски приод за реинтеграција на повратниците со цел да обезбедиме поширока агенда за социјална вклученост преку спроведување сет на активности кои ќе придонесат за подобар живот и социјална кохезија. На таков начин ќе обезбедиме и кохезеони политики кои ќе одговорат на потребите на повратниците за нивна реинтеграција, посебно наменети за политиките важни за властите и на национално и на локално ниво за да ги зајакнеме капацитетите на сите бклучени чинители. Техничката поддршка која во сите овие години ја добиваме од УНДП е инструментална – изјави министерката за труд и социјална работа, Јагода Шахпаска.

Како што информира канцеларијата на УНДП во земјава, ранливоста во повеќе апсекти кај повратниците ќе се опфати преку холистички решенија на краток и подолг рок преку различни модели на техничка поддршка, стратешко советување и градење капацитети на институциите.

Успешноста на интервенциите во рамките на проектот ќе се оценува според влијанието врз економската и социјалната позиција на повратниците и нивните семејства, но и според нивото на вклучување на тестираните механизми во националните законски рамки и програми за економско јакнење и социјална заштита. Ромската популација го сочинува мнозинството на повратниците од Западна Европа, така што проектните активности ќе придонесат и кон поширока инклузија на Ромите – истакна Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во државава.

Според Еуростат, во последните десет години 17.500 лица од Македонија побарале азил во земјите на Европска Унија, од кои што најголем дел се Роми. Се прогнозира дека бројот е уште поалармантен поради бројот на лицата кои сезонски заминуваат во ЕУ и доброволно се враќаат.

Проектот е дел од „IPA II Multi-Country Action“ на EУ поддршката на основните права на ромската заедница и реинтеграција на повратниците, спроведен од УНДП, Светска банка и Советот на Европа, реализирана во Србија, Албанија и Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.