Учењето е најлесната работа во животот. Големите предизвици доаѓаат потоа, а вие мора добро да бидете подготвени за да се справите со нив! Затоа слушајте ги наставниците, читајте го материјалот кој треба да се совлада, читајте дополнителна литература, истражувајте, анализирајте, бидете критички настроени и вложувајте во вашата креативност и иновативност, им порача министерката за образование и наука Мила Царовска на деветооделенците и матурантите.

Царовска потенцира дека поддршката од државата нема да изостане, но важно е да се покаже потенцијал и тој ќе биде забележан и поддржан.

Овие денови полуматурантите беа исправени пред голема дилема, каде да ја продолжат образовната надградба. Искрено се надевам дека секој ученик и ученичка ја исполни својата желба, да се запише во училиштето кое било предмет на личен интерес и дека со сите сили, максимално посветено и одговорно од први септември сите ќе продолжат да бидат посветени кон она што треба да биде нивна единствена обврска, а тоа е стекнувањето знаења кое всушност е и најисплатливата инвестиција во животот на секој поединец.

Верувам дека ова размислување е водилка и на учениците кои тукушто завршија средно образование и успешно ја положија државната матура. Мнозинството ќе одберат да се запишат на факултет, во земјата или надвор од неа, а јас се надевам дека сето стекнато знаење ќе биде применето за развој на татковината и обезбедување подобра иднина за себе и идните поколенија, изјави Царовска.

Таа им посака среќа на сите ученици во понатамошната едукација.

Имаме план и тој веќе етапно се реализира, имаме волја, имаме широка поддршка и имаме средства за тоа да го постигнеме. Оптималниот рок е 5 до 6 години од сега, додаде Царовска.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.