Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.Тие се одделени од другарите и од општеството и им треба помошта на наставниците. Ако им се даде довербата и вниманието, тие ќе вратат десетократно! – пишува во колумна на „Журнал.мк“, посветена на образовниот процес.
Со инсистирањето на физичко присуство оваа учебна година, онлајн (комбинираната) настава е заборавена и заметена „под тепих“. Јасно е дека наставниците се соочени со многу предизвици, фрлени во лаборатории за развивање на вируси без можност за избор. Точно е дека комбинираната настава не е едноставна и тоа дека дел од наставниците се спречени од објективни причини (недостаток на интернет или болест), но голем дел немаат коректен однос кон онлајн учениците. Децата кои учат од дома се во паника, зашто го изгубиле основното право на образование. Последиците ќе бидат големи, но се чини дека, за жал, ќе ги плаќаат само децата кои од разни (најчесто медицински) причини морале да ја „следат“ наставата од дома.
Онлајн наставата им обезбеди образование на учениците сред кризни времиња
Онлајн наставата во нашата земја минатата училишна година беше добра прилика да го испробаме вистинското „информатичкото општество“ и тоа на околу 250.000 ученици им донесе непрекинато образование среде пандемија.
Дигитализацијата донесе забрзување на светот, промени за кои никогаш не сме сонувале. Нашите паметни телефони се вистински компјутери, милиони пати посилни од леталото кое ги однесе „земјаните“ на Месечината. Наративот е познат и преџвакан, но во нашата средина е повеќе од потребно да се споменува, зашто сеќавањето ни е кратко.
Се чини дека дел од образовниот кадар наеднаш заборави како се користи алатката Мајкрософт Тимс и направи колективна одлука да ги изостави учениците кои учат онлајн од образовниот процес. Од разговорите во групите „Наставници за онлајн настава“ и „Поддршка за онлајн настава“ сите родители чии деца следат онлајн настава тврдат дека нивното дете или а) Не било приклучено на голем дел од часовите, б) Половина од календарот е празен, в) Часови се закажуваат, а не се држат, г) Наставниците се приклучуваат сред час, д) Камерата е свртена кон училницата, а не кон наставникот, ѓ) Предавањата се нејасни, наставникот шета додека предава и не се слуша добро, е) Дури и кога се правилно вклучени, онлајн-учениците не се прашуваат и кон нив генерално се однесуваат како да не постојат.
Се разбира, има различни причини зошто е ова вака, од лош (или непостоечки) интернет по училиштата, до немање технолошки помагала за држење онлајн настава, но честопати се работи за една едноставна причина – за таквата (комбинирана) настава е потребно повеќе труд. Не е лесно да се посвети внимание на децата кои се физички присутни и на тие кои се дома, да се предава, пишува, покажува и сите нешта да бидат пренесени со ист квалитет за сите. Но, тоа не треба да биде причина за запоставување на кое било дете – пишува во колумната.
Целата колумна на „Журнал.мк“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.