Ученици од Општинското основно училиште „Браќа Миладиновци“, Скопје, во рамки на изучувањето на предметот општество за IV одделение, денеска го посетија Кабинетот на Претседателот на Македонија.
Учениците го запознаа претседателот Пендаровски со областите кои ги изучуваат и со нивното предзнаење за општественото уредување на Македонија. Тие се интересираа за неговите секојдневни обврски, како и за надлежностите на неговата функција. Прашуваа за референдумот во 1991 година и создавањето на независноста, за досегашните претседатели.
Претседателот Пендаровски поздравувајќи ја посветеноста на наставниот кадар во изнаоѓањето на креативни форми и начини за поттикнување интерес кај учениците, ја нагласи важноста од континуирано практично унапредување на процесите во основното образование, како темел и клучен предуслов за продуцирање одговорни и прогресивни личности коишто ќе даваат значаен придонес во развојот на нашето општество.
Учениците, за време на посетата, имаа можност да престојуваат во просториите во коишто се реализираат официјалните средби, како салите во коишто се организираат свечености, настани и прес-конференции. Се запознаа и со дел од вработените во Кабинетот од коишто беа информирани за историјатот на објектот, во којшто е сместен Кабинетот на Претседателот, како и за начинот на функционирање на оваа институција. Посетата е во рамките на проектот „Отворен кабинет“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.